Марко Николиќ албумот првенец ќе го промовира и во Скопје! ИМА ДОБРА ПРИЧИНА!

Марко Николиќ по 20 години професионална музичка кариера во која неговото име се сретнува како автор на музика, текстови и аранжмани за хитови во светот на поп и народната музика, на јавноста ѝ го претставува новиот албум со наслов „Доѓи да те волим”.


Станува збор за музички проект со 10 песни полни со љубов, романтика и нежни ноти, а кој освен што се промовира во соседството ќе биде претставен и кај нас. Идејата албумот да ѝ го претстави на македонската публика, вели Марко, доаѓа од неговата љубов кон нашата земја за која го врзуваат прекрасни спомени од детството.  

„Македонија, нејзината историја, богатото културно наследство и музиката исклучително ги ценам и почитувам од мали нозе. Кога бев мал доаѓавме на Охридското Езеро, а во нашиот дом на прославите мама и тато често пееја македонски песни. Не можам да не го споменам ниту Тоше Проески, кој, според мене, беше и остана најдобриот пејач на овие простори, вели Марко, чии песни и спотови веќе може да се чујат и видат на сите дигитални платформи.


Марко, инаку е доминантен автор на овој музички проект, а меѓу имињата со кои соработувал се и Марина Туцаковиќ, Саша Милошевиќ – Маре, Билјана Спасиќ и Нада Бучевиќ. Освен одличните текстописци во снимањето на материјалот вклучува и реномирани музичари од Лондон, Њујорк, Рим, Берлин, Белград и Загреб, а миксот и мастерингот за еден дел од албумот „Доѓи да те волим” е правен во познатото студио Abbey Road во Лондон, каде е снимена и „лајв” верзија.

Музичката кариера на Марко, инаку почнува уште во детството кога во дуетот Мармаја заедно со сестра му Маја Николиќ (позната пејачка и честа гостинка на домашните фестивали) настапувал по бројни детски фестивали и освоил многу награди ширум цела поранешна Југославија. Завршил музичко училиште во Ниш, каде е и роден, а во 1997 година ги започнува студиите во Грац, каде дипломирал на отсекот Џез и соло пеење. Од тогаш активно компонира и пишува текстови за некои од најголемите музички имиња во соседството како Драгана Мирковиќ, Дејан Матиќ, Бобан Рајовиќ, сестра му Маја, а неговата музика потпишува и бројни ТВ-спотови и документарни филмови. Особено е горд на музиката за документарецот за кралското семејство и дворецот Вадуз во Лихтенштајн. Во 2002 година се сели во Виена каде и денес заедно со сопругата Ана Бучевиќ, познат мотивационен говорник, и семејството живее и твори.


Марко како композитор четири пати бил дел од националниот избор за песна на Евровизија во Србија, а во 2021 година настапува и како солист со песната по која е насловен албумот „Доѓи да те волим”.

Македонската промоција на студискиот материјал на Марко, што дефинитивно е вистинско музичко освежување на просторите на цела поранешна Југославија е планирана за ноември.  

Првата песна од албумот која беше пуштена во етерот е „Чаробан дан”, тоа е композиција за која Марко вели дека е радио ‘френдли’ тема, весела, приемчива за слушање, па се надевам дека ќе уживате во неа и дека ќе имате магичен ден. Слушнете ја: 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Вечерва во Драмски игра претставата „Фирма“

Вечерва во Драмскиот Театар во Скопје, со почеток во 20:00 часот, ќе може да ја …