Јелена Јованова со „Вештерки“ и македонскиот „Мишко“ на 24. Филмски фестивал во Сараево кој почнува денеска

24-то издание на СФФ на публиката ќе и бидат понудени вкупно 266 филма од 52 земји. Фестивалот ќе го отвори филмот „Студената војна“ на оскаровецот Павел Павликовски, кој за овој филм ја доби наградата за режија на Филмскиот фестивал во Кан
Српскиот детски филм „Злогоње“ („Вештерки“), во кој една од главните улоги игра македонската актерка Јелена Јованова, ќе биде прикажан во детската програма на „Сараевски филмски фестивал“, кој почнува денеска.
„Злогање“ е авантуристички филм за деца, направен според мотивите на книгата „За копчето и среќата“ на Јасминка Петровиќ. „Злогоње“ е приказна за Јован, дете на 10 години што е родено со парцијална церебрална парализа. Низ својата фантазија тој бега во светот на приказните, во кои е слободен да направи што сака и да биде кој ќе посака…
Режисер на филмот е дебитантот Рашко Миљковиќ, а сценариото е на Марко Манојловиќ и Милош Кречковиќ. Продуценти се „Акација продукција“ од Србија и копродукциската куќа „Дрим фактори“ од Скопје. Проектот е поддржан од Филмскиот центар на Србија, „Медиа програмата“, „Креативна Европа“, Македонската филмска агенција и др. Филмот ја освои првата награда во Торонтоп, на „Кидс фестивалот“, како составен дел од „Интернешнел Торонто филм фестивал“.


Во програмата за деца на „Сараевскиот филмски фестивал“ се најде и новиот краток филм на Ханис Багашов, „Мишко“, во кој играат Марко Ристовски, Тарик Рамадани, Верица Недеска, Игор Ангелов и Веда Спасовиќ. Кинематографер е Самир Љума, а музиката е на Златко Ориѓански.
Приказната го следи Ангел, тивко и повлечено момче, кој оди со својот другар Мишко да бере јаболка за продажба. Но како што минува денот, Ангел сѐ повеќе се соочува со суровоста на Мишко и своите родители.
Инаку, на 24-то издание на СФФ на публиката ќе ѝ бидат понудени вкупно 266 филма од 52 земји. Фестивалот ќе го отвори филмот „Студената војна“ на оскаровецот Павел Павликовски, кој за овој филм ја доби наградата за режија на Филмскиот фестивал во Кан.
Освен Павликовски, во Сараево пристигна и двојниот оскаровец Асгар Фархади, афирмиран ирански режисер кој годинава е и на чело на жирито во Сараево и турскиот режисер Нури Билге Сејлан, добитник на „Златна палма“ од фестивалот во Кан.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …