Интервју со Теодор Бошков, The Mole Pack: Секогаш внесуваме љубов и емоција во нашето свирење

1. Сите сте искусни музичари. Тоа може да се забележи од вашите настапи. Како дојде идеата за овој музички состав?

Идејата дојде од желбата да оставиме нешто свое зад себе, еден албум кој ќе биде спомен од едно време поминато заедно. Кон тоа се придодаде нашата заедничка љубов кон блузот, блуз-рокот, фанкот и целата слободарска-хипи музика од 60тите и 70тите, па истата ни беше инспирација и стремеж во нашето работење.


2. Неодамна направивте промоција на вашиот албум „Gamblin’ Man“. Какви се реакциите за него? Дали сте вие задоволни?

Задоволни сме бидејќи успеавме да собереме голем број на луѓе кои со внимание го проследија нашиот настап. Секогаш музичарот е среќен кога успева да добие внимание и емоција од публиката, тоа беше случај на нашиот промотивен концерт и сметаме дека тоа е најголемата придобивка што еден музичар може да ја има. По нивните реакции ќе се осмелиме да заклучиме дека на публиката и се допадна музиката, што дополнително не радува и ни дава храброст да продолжиме да сонуваме.


3. Каде се снимаше „Gamblin’ Man“?

„Gamblin’ Man“ се снимаше во импровизирано студио во Богданци, во куќата на нашите драги пријатели и колеги музичари – Бранко и Влатко Сапламаев. Воедно и двајцата се дел од поширокиот круг на нашиот „чопор“. Снимател и продуцент на албумот беше Ѓорги Вацев чијшто удел беше клучен во реализацијата на овој албум.


4. Дали планирате снимање на ново видео?

Планираме ново видео, но сега за сега немаме ништо конкретно по тоа прашање. Но секако, во периодот што ни претстои ќе реализираме барем едно видео за некоја од песните на „Gamblin’ Man“.

5. Работите ли на нови песни или сега повеќе сте фокусирани на промоција на вашиот нов албум?

Има и повеќе од доволно идеи за нови песни, но сеуште сме во период на промоција на првиот албум. Очекуваме во текот на следната година да реализираме уште еден албум.

5. Кои се вашите следни планови? Најавени сте на фестивалот UNDERFEST како нивни ревијални гости. Сигурно е посебно чувството кога на ваков начин дознавате дека вие сте квалитетен бенд?!

Плановите ни се да одговориме на барањата на публиката, да свириме секаде каде што ќе имаме можност, да го прошириме зборот за „The Mole Pack“, да продолжиме да создаваме. Да сме живи и здрави па да видиме што ќе се реализира од сите наши визии и планови. Фестивалот UNDERFEST годинава за првпат се одржува и секако дека ни е драго што допре нашата музика до организаторите, а воедно и добивме и покана да настапиме ревијално, но нека пресуди секој за себе дали сме квалитетен бенд. Ние само знаеме дека секогаш внесуваме љубов и емоција во нашето свирење. Ќе се потрудиме да биде тоа така на сите наши претстојни настапи и снимања.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Комисијата за Автомобилска одговорност донесе одлука без да ги земе во предвид анализите на осигурителната индустрија!

  Осигурителните компании се разочарани од пристрасните трврдења и непрофесионалните квалификации кои им ги упати …