Интервју со Сашо Ливрински: Секој Македонец е инспириран од творењето на своите предци. Тие народни творби влегуваат во колективната свест и се пренесуваат врз свесниот современ создавач

Сашо Ливрински е познат хармоникаш, композитор и аранжер. Еден од основачите на популарната фолк група „Академци“ и нејзин член повеќе од 35 години. Професионалец посветен на музиката и музичкото творештво, а ја работи и најблагодарната професија, односно предава музика и го пренесува своето знаење и искуство на младите генерации. За сите овие теми и уште многу повеќе имавме чест и задоволство да поразговараме со Сашо, а вие уживајте во интервјуто подолу.

Од кога и како се заинтересиравте за музиката, дали од некого го наследивте талентот и што беше пресудно да ја одберете музиката како ваша животна определба?


  • Јас сум поборник на философијата која вели дека музиката се „заинтересира“ за мене. Имено, длабоко сум убеден дека професијата нѐ одбира нас и ние тука „ништо“ не можеме, освен да ја прифатиме како наша професионална определба. Накусо, нашите предиспозиции, во случајов, музикалноста, не може да привлече друга професија освен музиката и така има заемно „привлекување“ кое ние сме способни или неспособни да го препознаеме. Јас, за моја среќа, бев способен да го препознаам уште на 10-годишна возраст, па така хармониката што моите родители ја донесоа од нашиот привремен престој во Австралија, сѐ повеќе и повеќе ме привлекуваше и на крајот стана моја најверна придружничка сите овие години. Двајцата мои родители се музикални, со тоа што татко ми беше играорец во КУД „Кочо Рацин“ , а мојот дедо, брат на мојата баба по татко, бил еден од најпознатитие зурлаџии во скопска Црна Гора. Ова се работите што ја дефинираат генетиката на мојот талент. Инаку, пресуден момент беше поддршката на мојот класен раководотел од основно образование, Кољо Коцев, наставник по музика, да се запишам во Средното музичко училиште „Илија Николоваки- Луј “ во Скопје , со што музиката стана моја животна определба.

Ја одбравте хармониката како инструмент преку кој музички ќе се изразите. Кога кај вас се роди љубовта кон овој интрумент?


  • Љубовта кон хармониката се роди,како што претходно  кажав, уште од оној момент кога овој инструмент пристигна во мојот дом, едноставно секојдневно ме мамеше да ја зимам и да експериментирам со неа, поготово со клавијатурата. Чекор по чекор, ден по ден, ми стана секојдневна потреба и работите сами почнаа да се редат.Музикалноста што ја поседувам си го стори своето и почнаа да се излеваат  мелодии што ги имав слушано од моите родители, но и од тогашното Радио Скопје. Бев фасциниран од тогашниот народен оркестар при „Македонската Радио и Телевизија“  и сонував еден ден и јас да го работам истото. Првата „популарност“ ми се случи кога екипа на македонското радио ме покани да бидам гостин во една нивна утринска емисија за  деца, што одеше рано наутро, еден час пред официјалнотото започнување на првата смена во основните училишта. Со запишуањето во средното музичко училиште  ми се отворија професионалните видици во музиката, кои ги употребив секако и во свирењето хармоника, што резултираше со членување во културно уметнички друштва, каде  се запознав  со неисцрпниот извор, македонскиот музички фолклор. Оваа иницијална каписла ме исфрли во естрадните музички води, ме донесе меѓу македонските музички изведувачи на народна музика и ме направи тоа што сум сега.

Основач сте на групата Академци . Како започна оваа приказна, колку е тешко да се опстои на сцената повеќе од 35 години и кои се најголемите предизвици со кои сте се соочиле досега?


  • Да, јас сум еден од основачите на популарната музичка група „Академци“. Далечните 90-ти години од минатиот век, покрај мене, уште тројца љубители на македонската народна музика (Никола Јованов, Мето Богданов и Антонио Иваноски) решија да ја основаат групата и да бидат активни учесници во музичкиот живот. Сите четворица бевме средошколски другари и идејата тлееше 5-6 години,за на крајот на наша среќа да се реализира.  Се редеа почетните настапи по скопските кафеани и снимања за наши популарни пеачи, меѓу кои, прв беше Момо Николоски, кој подоцна ми стана и кум. Настапите и снимањата ни донесоа популарност како музичка група, што резултираше со уште повеќе настапи и уште повеќе снимања, што го таложеа нашиот „багаж“. Од оваа перспектива мојот заклучок е дека полесни беа почетоците, за разлика од понатамошното делување, како оддржување на дотогаш направеното .35 години на музичката сцена е завидна бројка и бара многу жртви. Една од нив е постојаното отсуство од  домашниот амбиент, потоа, комплетната посветеност на работата, практикување строга професионалност, негување компромисни  меѓучовечки односи, создавање и негување на брендот Академци, односи со јавност и многу други предизвици што ја комплетираат комлексната слика. Во овие 35 години групата претрпе смена на членови, што беше главен предизвик за нејзино опстојување, па така низ брендот  Академци поминаа Далибор Ѓошиќ, Орце Лазаров, Даме Коларовски, Влатко Терзиски, Дејан Миленковски, Кирил Митовски, Игор Христов, Цане Петров,  Драган Николовски, Ивана  Серафимовска и др. кои дадоа личен придонес кон имиџот на групата. И, како што обично сѐ е со рок на траење,  годината 2023-та, беше последна година од постоењето на музичката група Академци и секој член си продолжи по сопствен пат. Мојот музички пат, на мое огромно задоволство, продолжи во друг музички бренд, популарниот Јордан Митев, како дел од неговиот придружен оркестар.

Бидејќи долги години сте присутни на македонската естрада, дали може да направите споредба како било порано и како е денес. Во каков правец се движи македонската народна музика?

  • Јас сум сведок на многу етапи од развојот на македонската народна музика, вклучувајќи го и периодот после Втората светска војна, иако не сум бил роден, дознавјќи за истиот преку безброј медиумски сведоштва. Како музички научник со длабока одговорност тврдам дека токму периодот после Втората светска војна е најтешкиот период за македонската народна музика, од проста причина што со создавањето на македонската национална држава, покрај етаблирање на нејзините граници, државни симболи, официјален јазик, од суштинска потреба е и дефинирањето на музичкиот јазик и израз на Македонците како државотворна етничка целина. Главниот товар го понеле нашите доајени на македонската народна музика, во многу скудни услови, за што треба да им сме бекрајно благодарни. Тие ги поставуваат основите на македонскиот музички мелопоетски израз, кој продолжува да се негува преку оркестрите за народна музика и народните песнопојци во годините што доаѓаа. Македонската естрада е производ на ова делување и како и секој „ентитет“ така и таа се соочува и со тешкотии и со убави моменти. Би ги споменал прво убавите моменти, како што беше благодетот,  музичкиот аранжман да биде изведуван од голем народен оркестар и тоа исклучливо во живо. Кога на ова ќе се додадат и строго селектираните народни песнопојци, тогаш не постои двојба за успешен конечен музички производ, што публиката лесно го препознаваше.Така, многу наслови од народни песни станаа дел од колективната меморија на Македонците. Наредната етапа е создавањето на фестивалите за народна новокомпинирана песна, што внесоа нов музички ветар. Тука веќе почнаа и тешкотиите во нашата естрада, од моментот кога строгата контрола престана да биде тоа и во име на т.н.„демократија“ , можноста  секој  да биде музички  автор, текстописец, пејач или трите заедно стана возможно и остварливо . Ова е тема за поголема дискусија, така што мојата перцепција е дека македонската новосоздадена музика се движи малку во правилен и повеќе во неправилен правец, најблаго речено, бидејќи, за жал, ниту една македонска влада до сега не изготви национална стратегија, во која би била  заштитена и нашата народна музика, како национално богатство. Сѐ се сведува на одлични исклучоци, поединци,  кои за жал делуваат индивидуално. Кога би биле здружени и кога би биле под заштита и капа на државата, преку националната стратегија, би имале поголем и поделотворен ефект врз развојот на македонската народна музика.

Што би им порачале и какви совети би им дале на младите естрадни уметници кои сега ја започнуваат својата кариера?

  • Пред сѐ, мислам дека сега е многу потешко за започнување ваква дејност. Знам дека многумина нема да се согласат со мене, но мојот став го темелам врз фактот што техничките„олеснувачи“ при подготвување на еден конечен музички производ, навидум ја олеснуваат работата, но за жал, нудат покривање на неквалитеот, кој пак на крајот си го покажува своето вистинско лице во живите изведби, каде нема „лажење“. Ваквиот начин на дејствување нуди лажни вредности и лажни вреднувања, кои сепак не носат успех.
    Мојата порака до младите колеги што решиле да бидат дел од естрадата е да бидат самосвесни за својата вредност, како прво. Како второ, секогаш да бараат второ и трето и ако е потребно и четврто мислење од музички експерти пред да се впуштат во дејствување. И на крајот, вербата, упорноста, харизмата се дополнителни нешта што ќе придонесат за успешност во нивните кариери, ако се разбира првиот услов е задоволен,а тоа е, да имаат од Бога дадена музичка способност и вредност.

Фолклорот и македонската народна музика е непресушен извор од кој сигурно ја црпите својата инспирација. Што друго ве инспирира да творите?

  • Секој Македонец е логично да биде инспириран од творењето на своите предци. Тие народни творби влегуваат во колективната свест на етникумот и несвесно се пренесуваат врз свесниот современ создавач, кој врз таа база твори пософистицирано уметничко дело.Такви изблици на творби има безброј во нашата авторска општа пракса, од било кој вид, не само во музиката.Современиот автор, секако инспирација може да црпи и од друго место, настан, сопствена или туѓа емоција. Од памтивек љубовта е најсилната и најмотивирачката емоција воопшто за функционирање, па еве и за создавање. Така што, најсилен мој мотив за содавање е мојата љубена личност, на која и ги посветив најголемиот дел од моите композиции.

Имате многу благодарна професија и мисија да го пренесете своето знаење и искуство на идните генерации. Работата со младите е сигурно голем предизвик но носи и голема одговорност. Како е во денешно време да се биде професор?

  • Ќе почнам од крајот. Денес е навистина тешко да се биде  „професор“(учител е  вистинскиот опис за мојата професија).Новите услови за работа,новите генерации, новите начини,новите вредности,  се дел од комлексноста на учителската професија. Кога на ова ќе се додаде сиромашното материјално македонско општество, тогаш сликата се комплетира. Ниту една современа нова програма не може да се реализира без современи нагледни стретства. Овој волшебен круг на „осоврменеување“ на наставата, без соодветни нагледни стретства е повеќе штетен отколку корисен. Затоа тука на сцена стапуваат, всушност како и во предходно кажаното за естрадата, индивидуалните способности на секој учител, да биде во чекор со времето, на своја иницијатива. Јас мислам дека сум таков учител и мојата водилка е пренесување на знаењето на најдобар можен начин, кој подразбира и осовременување на наставата. Јас учителот го споредувам со философот, кој е должен да ја зборува само вистината на своите ученици, без разлика на последиците, затоа што само така ќе создаваме идни здрави генерации.

Како да се доближи фолклорот до младите генерации за да не ги заборавиме своите корени? Колку музичкото образование е важно во изградувањето на една личност и во подигање на културата?

  • Ќе почнам со еден докажан научен факт, а тоа е дека, единствено свирењето музички инструмент го ангажира мозокот сто проценти. А, главната дејност за изградување на една личност е ангажирање на мозокот, свеста, способноста за учење, во што поголем мерка. Така што за важноста на музичкото образование во градењето на личноста е беспредметно да се дискутира затоа што истото е премногу важно. Освен што ќе го ангажира мозокот на ученикот, музиката е дејство што влијае и врз емотивното здравје, расположението и неговата позитивна состојба во текот на неговото образование, што е многу важно за постигнување целосен успех во градење на здрава личност. Затоа, во поразвиените образовни системи, како јапонскиот, е задолжително свирење на било кој музички инструмент, без разлика на степенот на музикалноста на ученикот , токму заради овие здравствено-социјални придобивки од истото.
    Мојата досегашна пракса во учителствување ми покажала дека нашите ученици сѐ уште ја имаат во себе колективната меморија од нивните предци. Не е вистина дека корените ги забораваме, тоа е еден вид привид, кој според мене лесно се „лекува“. Се разбира, најмногу овде, во оваа сфера е потребна колективна стратегија, бидејќи поединците се немоќни сами. Еден од начините за „доближување на фолклорот“ ( израз со кој не се согласувам), кон младата публика се т.н. преработки на народни песни, во кои спаѓа и нивното осовременување и препејување од помлади изведувачи . Друг начин е преку задолжително, директно учество на ученикот во спознавање и практикување на фолклорот, се разбира како информација. Систем преточен во стратегија и програма би произвел уште многу други начини, а бенефитите би биле безбројни и многу корисни, поготово во запознавањето на сопственото, но и културното наследство на другарчето кое е по разни основи различно.
    Како што кажав, нема потреба фолкорот да го „доближуваме“ до младата публика, таа го има во себе, само треба со содветна државна програма и стратегија тој да се разбуди и негува.

Кои се вашите хобија и интереси надвор од музиката, во што уживате и со што се релаксирате во слободното време?

  • Спортот е моето главно хоби и релаксација. На помлади години колективните игри, а на повозрасниве индвидуалните, како што се пинг понгот, шахот, возењето велосипед, планинарењето и сл.

Кои се вашите идни проекти и што ново може да очекуваме од вас?

  • Како автор имам  учествувано во многу музички проекти на наши популарни изведувачи, а за сопствени „потреби“создадов  двојно музичко цеде насловено „Вруток“. Сето ова резултира со 800 авторски дела заштитени во ЗАМП. За реализација имам нов музички проект, кој всушност претставува мое видувење на ората од легендарниот гајдаџија Пеце Атанасовски, едно оро од легендарниот Кочо Петровски , едно оро од мојот пријател Панче Тевчев и едно мое авторско оро, во специфичен музички состав( хармоника, клавир и кахон). Моите музички интереси како автор се прошируваат и кон т.н. сериозна музика, преку магистерските студии, што всушност е новото во моето авторство.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …