Интервју со Оливер Пап: очекувајте голема детска забава и уште едно незаборавно издание на „Поточиња“

Од своето прво издание во 2004 година, па се до денес, детскиот фестивал „Поточиња“ успева да го задржи нашето внимание но и вниманието на најискрената детска публика. Со секое ново издание само се потврдува со колкава посветеност и љубов се работи, а за тоа сведочат безбројните детски хитови кои излегле од овој фестивал. Во пресрет на новото 21-во издание на најпопуларниот детски фестивал кај нас, за почетоците, предизвиците и уште многу интересни теми поразговаравме со композиторот и извршен продуцент на „Поточиња“ Оливер Пап. Уживајте во интервјуто и секако на 13 и 14 април бидете дел од „Поточиња“ и први слушнете ги новите детски хитови.

Веќе 21 година детскиот фестивал „Поточиња“ е синоним за дружба, музичка едукација и забава кај најмладите. Како се роди идејата за фестивалот? Што ве инспирираше за да ја започнете оваа сега веќе успешна приказна за „Поточиња“?


  • Идејата на композиторот Мирослав Пап за започнување на Поточиња е родена по долгодишна работа во музиката и создавање на голем број хитови за деца. Инспирацијата да се создаде нешто ново и големо за деца темелено на стручност, квалитет и добро одбран тим допринесоа Поточиња да е веќе 21. година успешна приказна.

Сите овие години, вклучувајќи ги и пандемските успеавте да го одржите фестивалот на највисоко ниво. Кои беа најголемите предизвици со кои досега сте се соочиле?

  • Најголемите предизвици дефинитивно беа во пандемиските години односно за изданијата во 2020, 2021 и 2022 година. Она со што се соочуваше целиот свет е нешто незапаметено во поновата историја, но големата љубов да се создава и твори за децата беше преголема и успеавме да ги урнеме сите можни препреки и Поточиња без запирање да го продолжи својот континуитет. Огромна благодарност до децата кои учествуваа и до нивните родители кои имаа доверба во нас во такви специфични и непредвидливи времиња.

Редовно имате аудиции за прием на нови членови. Што треба децата да поседуваат и кои критеиуми треба да ги исполнуваат за да станат дел од „Поточиња“?


  • Освен желбата децата е потребно да поседуваат минимум вокален талент, чувство за ритам и доволно развиена моторика бидејќи освен што пеат учесниците на Поточиња и танцуваат за време на целиот фестивал со подготвени кореографски точки за секоја песна.

Колку дечиња поминале досега низ „Поточиња“ и дали сеуште се среќавате и имате контакти со некои од вашите поранешни членови?


  • Изминативе 20 години низ Поточиња поминале речиси 1500 деца, а до ден денес се среќаваме со дел од нашите поранешни членови и сме особено сме горди што голем дел од нив продолжиле да се занимаваат со музика и уметност, но исто така и се реализирани личности во други области надвор од уметничкиот свет.

Да се работи со детската публика која е најискрена е голема чест но и одговорност. Како се справувате со оваа „обврска“?

  • Со оваа обврска се справуваме единствено со создавање на нови детски хитови. Секој фестивал е жив онолку колку што има убави песни соодветни за детската публика. Секој сегмент во креирањето на фестивалот е важен меѓутоа песните се основата, со нив се почнува и се завршува.

Колку децата се исполнителни и како ги прифаќаат обврските во однос на пробите и настапите?

  • Децата со својата исполнителност и посветеност многупати знаат позитивно да не изненадат и тоа ни дава дополнителен мотив за работа. Слободно можам да кажам дека децата во многу сегменти се поголеми професионалци од возрасните.

Минатата година се одржа јубилејното 20-то издание на фестивалот. Како вас ви поминаа овие 20 години и што ве мотивира да продолжите понатаму?

  • Сите овие 20 години мотивот е публиката. Детската радост, џагор, смеа и воодушевување се незамелниви во споредба со било која друга емоција. Тоа е она што ги движи Поточиња изминативе 20 години и воедно мотивира да се продолжи.

Дали може да направите споредба околу тоа колку се работите сменети од времето кога почнувавте па до денес?

  • Од технички и организациски аспект многу работи се сменети, но како автор и организатор секогаш е потребно да се следат новите трендови. Сепак од самите почетоци до денес постои една константа, а тоа е радоста на децата кога ги пеат песните на Поточиња.

Се подготвувате за најновото издание на фестивалот. Што може да очекуваме од 21-то издание на „Поточиња“ на 13 и 14 април во Македонската Филхармонија?

  • Во тек се последните подготовки за Поточиња 2024 и оваа година подготвивме 15 нови песни кои убеден сум дека веднаш ќе им се допаднат на децата и ќе ја збогатат македонската ризница на детски песни. Тука е нашиот водител – маскотата Поки (актерот Мартин Јорданоски) кој е омилен лик на децата и многу интересно ги води низ фестивалската приказна. Се на се очекувајте голема детска забава и уште едно незаборавно издание на Поточиња.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …