„Чувари на формулата” -најдобар филм на „Киненова”

Осмото издание на МФФ Киненова сподели приказни на бројни филмски автори кои ни подарија визуелни есенции што долго ќе ги прераскажуваме, а меѓународното жири во состав: Лех Мајевски, режисер, сценарист, кинематографер, мултимедијален уметник од Полска, Дебора Ван Дам, сценаристка и режисерка од Холандија и Дејан Дуковски, драмски писател од Македонија одлучија кои од нив ќе бидат наградени.

Во главната селекција беа прикажани осум филмови за кои жирито одлучуваше за најдобра режија, најдобро сценарио и најдобар филм.
За најдобар филм на Киненова за исклучителната и длабоко човечка приказна, наградата ја доби филмот „Чуварите на формулата” на Драган Бјелогрлиќ.
-Прво морам да кажам дека дојдов овде за да ви го покажам мојот филм и воопшто не знаев дека ќе добијам награда. Дознав пет минути пред почетекот на свеченоста. Ви благодарам, ова е големо изненадување за мене и голема чест. Пред некој ден ми беше роденден и влегов во седмата деценија, а оваа награда ќе ја сметам како добар почеток на седмата деценија, рече Бјелогрлиќ.
Тој раскажа дека ја прочитал книгата на Горан Милашиновиќ и истражувал доста за тој настан.


-Знаев дека навистина се случило тоа во Винча, дека некои луѓе биле озрачени и дека во Франција некои луѓе им помогнале. Но, не знаев дека работеле на таен проект за атомска бомба, за тоа не се говореше тогаш, а ниту денеска не се говори. Премиерата на филмот во Белград ќе се случи за некој ден и чекам да почнат да ме обвинуваат дека никогаш не правеле атомска бомба, дека пак нешто измислувам. Искрено мене не ми беше провокација таа бомба, туку како формулата на смртта станува формула на животот. Целиот тој настан, зад железната завеса, кога оние од Запад не им веруваа на оние од Исток, и оние од Исток не им веруваа на оние од Запад, а ние во Југославија бевме некаде помеѓу, но бевме повеќе на Исток, а луѓето кои работеле на проект кој претставува вооружување што сее смрт, сега се соочуваат со нешто што е живот. И ако тие не го направеле тоа тогаш, можеби професорот Мате никогаш не би извршил трансплантација на коскена срж. И токму таа приказна и таа верижна реакција некако долго ме прогонуваше и се обидов да ја направам. Не беше лесно, приказната има повеќе нивоа, но со помош на моите сценаристи и монтажери, успеавме да биде една приказна со тек. Ова е најтешкиот филм на кој сум работел, работев со странци, со странски актери, на јазик кој не го говорам, но после се, многу сум задоволен, рече Бјелогрлиќ.
Наградата за најдобро сценарио и најдобра режија и припаднаа на украинската режисерка Марина Ер Горбах за филмот „Клондајк”. Во образложението, жирито го потенцираше уникатниот длабок опис на војната што го силува животот на едно семејство и неретко потсетува на грчка трагедија.

-Се надевам дека филмот ги допре срцата на гледачите. Последнава година патувавме и филмот е прикажан во повеќе различни држави и го кревавме украинското знаме против руската агресија. Но, сега сакам да го кренам моето лично знаме за децата во воените зони и за цивилите секаде низ светот. Немам поинаков начин освен овој, да ги испраќам моите пораки преку филмовите. За да ја сопрам војната, мојот крик е да продолжам да создавам, бидејќи според мене оваа војна е меѓу луѓе кои сакаат да уништуваат и луѓе кои сакаат да создаваат. Затоа ги повикувам сите кои се талентирани и кои создаваат уметност да се трудат повеќе, за очите на јавноста да бидат вперени во уметноста и да се занимаваме со неа наместо со војни, рече Ер Горбах во своето видео обраќање.


Специјално признание во оваа селекција доби шпанскиот филм „20.000 вида пчели” на режисерката Естибалиц Уресола.
Наградата за најдобар филм, во категоријата кратки филмови, ја доби францускиот филм „Ако не е можно денес, можеби ќе биде утре” на режисерскиот двоец Антоан Перез и Жулиен Сено.
-За жал никој од нашиот тим не можеше да присуствува на доделувањето на наградата и да ја посети вашата прекрасна земја, Македонија, рече продуцентот Николај Јарошенко, кој се заблагодари за укажаната можност филмот да биде прикажан на фестивалот, бидејќи ова е негова меѓународна премиера.

Специјално признание од селектираните кратки филмови доби филмот „Ти ветив рај” на Морад Мостафа од Египет. Жирито ги истакна прекрасните кадри и моќната приказна што поттикнува на размислување.


-Добив прекрасна вест утринава и сакам да се заблагодарам на жирито за наградата и на фестивалот Киненова за оваа можност. Жал ми е што вечерва не сум таму со вас, но ветувам дека ќе дојдам во некое од следните изданија на Фестивалот, рече Мостафа во своето видео обраќање.

Публиката имаше можност да го проследи најновиот филм на познатиот српски актер, режисер, сценарист и продуцент, кој одбележа еден значаен период и на југословенскиот филм, Драган Бјелогрлиќ, „Чувари на формулата”, кој на 76-от филмски фестивал во Локарно, годинава во август ја доби наградата PARDO VERDE RIKOLA, награда што се доделува на филм во компетициската програма и промовира теми и стории за зачувувањето на еколошката средина и во нив нуди нова авторска интерпретација .

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Книжевен кружок во Илика

Третата средба на книжевниот кружок ќе се одржи денес со почеток во 17:00 часот во …