(ВИДЕО+ФОТО) Филхармонија: Промоција на „Три лица на љубовта“ – уникатен мултимедијален проект: книга што се чита но и слуша но и воодушевува


Синоќа во малата сала (но исполнета до последното место) се одржа промоцијата на уникатниот мултимедијален проект: „Три лица на љубовта“ – книга што се чита… и се слуша од авторот Митко Чешларов, во издание на Сигмапрес.
Книгата претставува уникатен мултимедијален проект составен од лирски записи, авторски песни и драмски текст – три различни форми преку кои се обработуваат теми што секој човек ги носи во себе: љубовта, осаменоста, копнежот и внатрешните лични приказни. Секоја композиција има свој лирски запис, а во книгата се вклучени и QR-кодови кои водат директно до сите досега снимени песни на официјалниот YouTube – канал на авторот: https://www.youtube.com/@MitkoCheshlarov

Врз основа на текстовите во книгата досега се снимени осум авторски композиции, а проектот продолжува со создавање и снимање нови песни. Истовремено, истиот концепт се подготвува и за Хрватска.


Инспирацијата за драмскиот текст „Кој сум јас“ произлегува од начинот на кој сите ние се препознаваме во песните, во музиката — во стиховите, чувство или момент што, додека го слушаме, ни изгледа блиско, како да е создадено за нас. Токму таа универзална човечка реакција послужила како основа од која се разви драмата, како третото уметничко лице во книгата.

Програмата ја водеа Драги Павлевски и Жаклина Стевковска кои воопшто не „ги заморуваа“ присутните со своите куси најави за доживување ретко уметничко искуство преку спој на лирски записи, музички изведби и драмски сегменти, кои во еден здив здушно ги очекуваа сите најавени изведувачи, а ги имаше…


Песните ги изведува: Мариана Бошковска, Ана Петановска, Горан Наумовски, Агни Авшар, Биба Додева, Жаклина Стевковска и Зорица Поп Панкова.
За дел од изведувачите, овие песни се нивно прво ново музичко остварување по подолг период.

Автор на музиката и текстовите е Митко Чешларов, а аранжерите кои стојат зад реализираните композиции се: Ангел Ќосев, Кристијан Габроски, Стефан Петановски, Давор Јордановски и Владимир Дојчиновски.


Промоцијата на „Три лица на љубовта“ – книга што се чита но и слуша мина во еден миг. Нумерите се менуваа една по друга а исполнителите добиваа стоечки овации…

Кога на сцената се појави и авторот Митко Чешларов добивме впечаток дека и тој беше изненаден од тоа што се случуваше и што го доживеа. Скромен, смирен, зборуваше за книгата, песните, драмата во најава а потоа едноставно се поклони и заблагодари на просутните.
Тоа беше промоција која ги исполни срцата на сите присутни и уште еднаш ни покажа дека за вистинските работи не треба многу „гламур“ бидејќи вистинските нешта се препознаваат.

Г.О.

Видео и фото: Г.О.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Битолски театар и Бабец театарот ја воодушевија публиката во Шведска

Екипата на Битолскиот театар со претставата ,,Ако останеш дома” по мотиви на Карој Сакони и …