Покрај неговото влијание врз емоциите и стресот, грижата за вашето ментално здравје може да има позитивно влијание и на вашата физичка состојба.
Најновото истражување покажува дека депресијата го зголемува ризикот од развој на сериозни физички болести.
Студијата објавена во списанието PLOS Medicine покажала дека луѓето со депресија развиваат физички здравствени проблеми 30 проценти побрзо од оние без ментално растројство. Затоа експертите бараат подобра врска помеѓу менталното и физичкото здравје.
„Депресијата е состојба која влијае на целото тело, не само на умот. Потребни се сеопфатни пристапи за третман за да се подобрат резултатите за пациентите“, забележаа авторите на студијата, пренесува Best Life.
Според истражувањата, возрасните со депресија имаат 30 отсто поголем ризик од развој на хипертензија (висок крвен притисок), остеоартритис (хронична болка во зглобовите) и гастроезофагеална рефлуксна болест во споредба со луѓето без депресија. Исто така, депресијата е поврзана со зголемен ризик од срцеви заболувања и дијабетес.
Истражувачите анализирале 172.556 профили од базата на податоци на UK Biobank, вклучувајќи медицински и болнички записи. Од учесниците на возраст од 40 до 71 година, 17,8 отсто имале историја на депресија.
Луѓето со депресија во просек имале повеќе хронични болести и имале поголема веројатност да развијат дополнителни здравствени проблеми. Најчести биле хронични болки во зглобовите, рефлукс и висок крвен притисок.
Фото: Архива