Во среда во Филхармонија – Промоција на уникатен мултимедијален проект: „Три лица на љубовта“ – книга што се чита… и се слуша


На 10-ти декември 2025 година (среда), во Малата сала на Филхармонија, со почеток во 19:30 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „Три лица на љубовта“ од авторот Митко Чешларов, во издание на Сигмапрес.
Книгата претставува уникатен мултимедијален проект составен од лирски записи, авторски песни и драмски текст – три различни форми преку кои се обработуваат теми што секој човек ги носи во себе: љубовта, осаменоста, копнежот и внатрешните лични приказни. Секоја композиција има свој лирски запис, а во книгата се вклучени и QR-кодови кои водат директно до сите досега снимени песни на официјалниот YouTube – канал на авторот:
https://www.youtube.com/@MitkoCheshlarov


Врз основа на текстовите во книгата досега се снимени осум авторски композиции, а проектот продолжува со создавање и снимање нови песни. Истовремено, истиот концепт се подготвува и за Хрватска.
Инспирацијата за драмскиот текст „Кој сум јас“ произлегува од начинот на кој сите ние се препознаваме во песните, во музиката — во стих, чувство или момент што, додека го слушаме, ни изгледа блиско, како да е создадено за нас. Токму таа универзална човечка реакција послужи како основа од која се разви драмата, како третото уметничко лице во книгата.
Песните ги изведуваат: Мариана Бошковска, Ана Петановска, Горан Наумовски, Агни Авшар, Биба Додева, Жаклина Стевковска и Зорица Поп Панкова.



За дел од изведувачите, овие песни се нивно прво ново музичко остварување по подолг период.
Автор на музиката и текстовите е Митко Чешларов, а аранжерите кои стојат зад реализираните композиции се: Ангел Ќосев, Кристијан Габроски, Стефан Петановски, Давор Јордановски и Владимир Дојчиновски.
Настанот ќе го водат Драги Павлевски и Жаклина Стевковска, а публиката ќе има можност да доживее ретко уметничко искуство преку спој на лирски записи, музички изведби и драмски сегменти.
Настанот е отворен за публика. Пристигнувањето е предвидено од 19:15 часот, додека официјалниот почеток е закажан во 19:30.

Фото: Принтскрин/Приватна архива


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) ПОЧИНАЛ ПОЗНАТ ТИКТОКЕР (31): Полицијата се сомнева дека момчето кое го обожаваа луѓе од целиот свет се самоубило – прошталната порака на неговиот брат ја крши душата

Такер Џанал имал околу 2,5 милиони следбеници на ТикТок, каде што бил познат по своите …