„Макфест“ оваа година слави значаен јубилеј – 40 години од своето постоење. Основан на 18 октомври 1986 година во Штип, фестивалот прерасна од локална музичка манифестација во национален симбол на македонската поп-музика. Неговата мисија отсекогаш била јасна – промоција на домашното музичко творештво, афирмација на пејачи, текстописци, композитори и аранжери, како и создавање хитови кои остануваат запаметени низ генерациите.
Како идеен творец на фестивалот се споменува Стојан Троицки – човекот кој со својата визија и упорност го постави темелот и долги години беше негов директор. „Легендарен долгогодишен директор“ и „човекот кој го измисли и успешно туркаше Макфест“, како што често го нарекуваат, Троицки останува запаметен како најзаслужен за тоа фестивалот да стане бренд на Штип и на Македонија. Со години наназад вљубеник во фестивалот пак, десна рака на Троицки, а подоцна и задолжен за односи со јавноста на фестивалот „Макфест“ како и негов директор во 2010-година беше Трајче Јованов, наш колега – новинар кој мораме да го споменеме во оваа прилика.
И оваа година, најновото јубилејно издание – организацијата на „Макфест“ е поддржана од Општина Штип на чело со градоначалникот Иван Јорданов, уметничкиот директор Роберт Саздов, и продукцискиот дел кој го води Александар Арсовски.
Во текот на изминатите 39 изданија, на сцената на „Макфест“ биле изведени над 1.000 композиции. Од него произлегоа бројни хитови кои станаа дел од радиостаниците и телевизиите во земјава, но и песни кои продолжиле да живеат многу подолго од фестивалските вечери. Многу македонски пејачи и автори ја добиле својата прва голема афирмација токму на оваа сцена.
Меѓудругото, фестивалот е член на меѓународната организација ФИДОФ, од која ја има добиено престижната награда „Festival of the Year“, што дополнително ја потврдува неговата улога не само на национално, туку и на регионално ниво.
Досегашни победници на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ – Штип:
Победник 1986 година (прва фестивалска година): Хелена Благне – „Кога те нема“,
Победник 1987 година: Трајче Манев – „Осамен“,
Победник 1988 година: Кичо Слабинац – „Не враќај се, не буди ме“,
Победник 1989 година: Зорица Конџа – „А Бог знае“,
Победник 1990 година: Љупка Димитровска – „Ѕвона ѕвонат“,
Победник 1991 година: групата Поп Дизајн – „Дајте ги рацете“,
Победник 1992 година: Олгица Христовска – „Свирете ја Зајди, зајди“
Победник 1993 година: Тања Кочовска – „Твојте очи, сине“,
Победник 1994 година: Владо Јаневски – „Еден бакнеж“,
Победник 1995 година: Цветанка Глигорова – „Не биди слеп“,
Победник 1996 година: Дуле и Коки – „Виолина и гитара“,
Победник 1997 година: Ристо Самарџиев – „Таму кај што си“,
Победник 1998 година: групата Магија – „Магија“,
Победник 1999 година: Ристо Самарџиев – „Песна за љубовта“,
Победник 2000 година: Андријана Јаневска и Марјан Стојановски – „Љубов ти е адреса“,
Победник 2001 година: Благица Поп-Томова – „Зрак“,
Победник 2002 година: Биба Додева – „Кажи љубов“,
Победник 2003 година: Бојана Атанасовска – „Немам одбрана“,
Победник 2004 година: Александра Пилева – „Нема утеха“,
Победник 2005 година: Јован Јованов и Маја Саздановска – „Ти ме сакаш, знам“,
Победник 2006 година: Тамара Тодевска и Врчак – „Седмо небо“,
Победник 2007 година: Ристо Самарџиев и Ирена Крстеска – „Се е исто како лани“,
Победник 2008 година: Влатко Лозановски – „Времето да застане“,
Победник 2009 година: Ристо Самарџиев и Дуле и Коки – „За милион години“,
Победник 2010 година: Ламбе Алабаковски – „Не планирам“,
Победник 2011 година: Зоран Илиев – „Ангели и демони“,
Победник 2012 година: Сара Марковска – „После него“,
Победник 2013 година: Александра Јанева – „Врати ми го сонцето“,
Победник 2014 година: Биба Додева – „Врати се“,
Победник 2015 година: Бојана Атанасовска – „Диви цветови“,
Победник 2016 година: Александра Јанева – „За сто години“,
Победник 2017 година: Зоран Илиев и Анабела Атијас – „Од утро до вечер“,
Победник 2018 година: Антониа Гиговска – „Никогаш не вели никогаш“,
Победник 2019 година: Мартинијан Кириловски – „Сто пати на ден“,
Победник 2020 година: групата Нокаут – „Сакам да живеам“,
Победник 2021 година: Александар Тодоровски – „Под исто небо“,
Победник 2022 година: Ревијално фестивалско издание без прогласување на победник,
Победник 2023 година: Ревијално фестивалско издание без прогласување на победник,
Победник 2024 година: Ревијално фестивалско издание без прогласување на победник.
Низ годините „Макфест“ се соочувал со бројни предизвици – менување на концептите, потреба од модернизација на продукцијата, финансиски ограничувања и баланс меѓу традицијата и актуелните музички трендови. Сепак, со постојан раст на бројот на пријавени композиции, интересот за фестивалот останува голем. На пример, за минатогодишното фестивалско издание во 2024-та , биле селектирани 28 песни од рекорден број пријавени.
На 23-ти, 24-ти и 25-ти октомври, сцената на најголемиот македонски фестивал на забавни мелодии – „Макфест“ – ќе прими десетици изведувачи, нови надежи, добро познати музички имиња и, секако, легендарни хитови кои сите ги пееме со години. Уметничкиот директор Роберт Саздов откри дека и ова издание носи посебна магија:
– Првата вечер традиционално е резервирана за младите и талентираните изведувачи кои со својата свежа енергија и нови композиции ќе се обидат да ги освојат срцата на публиката. Тоа е вечерта која секогаш буди најголема љубопитност – кои имиња ќе блеснат како нови ѕвезди на македонското музичко небо? Втората вечер ќе ја разгорат веќе познатите и докажани музички имиња. Публиката во Штип ќе има можност ексклузивно да слушне премиери на нивните најнови песни, подготвени специјално за макфестовската сцена. Третата вечер е вистинскиот врв – големо гала шоу во чест на 40 години „Макфест“. На истата сцена ќе оживеат некои од најголемите фестивалски хитови кои обележале генерации. Ќе ги слушнеме Питер Џон Босе со неговата легендарна „Самба во Штип“, „Ангели ме носат“ со Силви Бенд, Коки (овојпат без Дуле), прекрасната Олгица Христовска, како и неповторливиот Владо Јаневски со вечната „Еден бакнеж“. На сцената ќе се искачи и деветкратниот победник на фестивалот Ристо Самарџиев, кој ќе ја изведе „Таму каде што си“. Публиката ќе ги види и младите и ведри Пајак и Лара, кои ќе ја изведат „Бела“ – песна чиј видеоспот до денеска брои повеќе од 37 милиони прегледи. Со носталгија ќе ја слушнеме „Магија“ на Јован Јованов, а и „Сонце за три света“ во изведба на Мики Јовановски Џафер. Се разбира, не изостанува ниту легендарниот Сашко Гигов – Гиш со безвременската „Моја гитара“… и уште многу победници кои оставиле белег во историјата на фестивалот. Ќе има уште многу изненадувања и настапи на победници кои оставиле трага.
Фото: Принтскрин/Facebook