Младиот скопски бенд „Преку Ред“ со својот креативен потенцијал успева да создаде мелодии кои веднаш привлекуваат внимание. Нивните текстови носат искреност изразена преку динамичен рок звук. „Преку Ред“ со својот нов сингл „Тоа е“ докажува дека има што да понуди на динамичната и брзорастечката македонска алтернативна сцена. Снимен во студиото 1060 на Дени Крстев, овој нивен нов сингл носи свеж и иновативен звук кој во себе спојува различни музички правци, притоа оставајќи впечаток на нешто ново и различно.
„Тоа е“ е песна која говори за чувство на ослободување. Лириката е едноставна, но многу моќна во својата директност и искреност. Песната ја истражува трансформацијата што се случува кога човекот ја прифаќа својата вистинска природа. Овој концепт е спакуван во стихови кои изразуваат оптимизам и сила, што ја прави песната лесно разбирлива и допадлива на слушателите.
Вокалниот дел во „Тоа е“ е уште една компонента која го дефинира карактерот на песната. Антони Анев носи емоција и енергија со својот настап, отворено комуницирајќи со слушателот, што овозможува песната да биде интимна, а во исто време исполнета со енергија која се чувствува во текот целата композиција. Христијан Тасевски инструменталниот дел го свири со извонредна техника, секоја нота звучи прецизно, а истовремено слободно и моќно. Сето тоа надополнето со басистот Никола Стојменов и тапанарот Марко Станчевски кои внесуваат дополнителна текстура и длабочина во композицијата.
Ако сте имале шанса да ги видите „Преку Ред“ на некој од нивните настапи, атмосферата која ја создаваат во живо е исто така нешто што вреди да се издвои. Бендот не е само група која создава одлична музика, туку и креативно се изразува преку сценски перформанси, што ја зајакнува моќта и на нивниот нов сингл „Тоа е“.
За крај, „Тоа е“ е издание кое го носи бендот „Преку Ред“ на повисоко ниво, како бенд со уникатен глас и стил, покажувајќи дека имаат јасна визија за своето место на музичката сцена. Со свежи идеи, добро осмислен аранжман и впечатлива изведба, синглот е одличен пример за тоа како младите бендови можат да се етаблираат со квалитетна продукција и оригинален звук. „Тоа е“ е едноставно песна која ви останува во глава, и која ќе ја слушате на „рипит“.
Дечки секоја чест! Чекаме самостоен концерт!
Подолу уживајте во „Тоа е“