Нашата млада и талентирана пејачка Александра Трајческа, позната како ALEKS, неодамна го објави својот нов сингл „Ни татко ни брат“, кој веднаш го привлече вниманието на нејзините обожаватели и љубителите на македонската музика. Со овој сингл таа уште еднаш ја потврдува својата музичка зрелост и јасно изразен стил. Песната веќе собра над 1000 прегледи на YouTube по премиерата на 26 ноември 2025 година. Покрај својата соло кариера, Покрај својата соло кариера, Александра е и членка на култниот блуз состав од Прилеп, Crossroad Blues Band, што дополнително го збогатува нејзиниот музички израз и стил.
Синглот е заедничко дело на Александра Трајческа и Дамир Пух, кој исто така се потпишува како аранжер. Во бек-вокалите учествуваат Наташа Миха Пух и ALEKS, додека продукцијата на музичкото видео е дело на Атанас Димов. Целата работа е создадена со голема посветеност и професионализам, резултирајќи со современо звучно и визуелно дело.
Песната „Ни татко ни брат“ ја обработува темата на личните односи. Текстот е искрен и директен, а музиката создава моќна атмосфера. ALEKS сама учествува во пишувањето на текстот, што ја прави песната уште полична и автентична.
Музичкиот спот е анимиран, создавајќи интригантна визуелна приказна. Спотот е креиран од Атанас Димов, кој со иновативен пристап комбинира артистички и современи визуелни техники. Анимираниот спот дополнително го истакнува карактерот на песната и ја пренесува пораката за прифаќање и „обработување“ на тешките емоции. Како што ALEKS напиша на својата Facebook страница:
„Реалноста е дека не секогаш се е убаво, ама убаво е кога негативните емоции ќе си дозволиш да ги чувствуваш и ‘обработиш’ со цел да не те обземат туку да поминат како силен дожд за утре да изгрее сонце.“
Песната е достапна на сите дигитални платформи, а спотот може да се погледне на официјалниот YouTube канал на ALEKS. Овој проект е доказ дека младите музички таленти во Македонија продолжуваат да создаваат современа и квалитетна музика со длабоки емоционални пораки.
ALEKS продолжува да ја гради својата кариера како уникатен глас на македонската сцена, а „Ни татко ни брат“ е уште еден доказ за нејзината музичка зрелост и визија.
ekran платформа за слободоумни