Џин Хекман и неговата сопруга Бетси Акарава беа пронајдени мртви во средата во семејната вила во Санта Фе, а причината за смртта останува мистерија. Меѓутоа, деталната истрага сега утврдила дека шишето со лекови пронајдено на пултот во кујната е „многу важен“ доказ во понатамошната истрага за целиот случај.
Шерифот на Санта Фе, Адам Мендоза, во петокот во емисијата „Today Show“ изјавил дека шишето со рецепт, откриено со таблети расфрлани низ кујнскиот пулт во домот на 95-годишниот актер Џин Хекман и пијанистката Бетси Акарава, е „нешто што предизвикува загриженост“.
Три лекови биле отстранети од домот, вклучувајќи лекови за крвен притисок, лекови за тироидна жлезда и лекови за главоболка, според „Huffington Post“ кој ги заснова своите тврдења на налогот за претрес. Мендоза додал дека лековите биле испратени на анализа од лекарскиот тим, со цел да се помогне во утврдувањето на причината за смртта. Сепак, резултатите од извештајот за токсикологија би можеле да бидат неколку месеци подоцна.
„Ние конкретно ги проучуваме овие лекови, но и други кои можеби биле во куќата. Се надеваме дека извештајот ќе пристигне што е можно поскоро за да одговориме на некои од овие прашања и на тој начин да помогнеме во истрагата за утврдување на причината и околностите на смртта“, рекол Мендоза.
Хекман и неговата сопруга беа пронајдени мртви во нивниот дом вреден 3,8 милиони долари, во посебни соби, околу 13:45 часот по локално време во Санта Фе, Ново Мексико. Телото на актерот било пронајдено покрај неговите очила за сонце, што ја навело полицијата да претпостави дека „одеднаш паднал“. Неговата сопруга лежела на страна во бањата до греалката. Полицијата верува дека и таа „одеднаш паднала на подот“. Кучето било во шкафот и не е јасно како влегло и завршило таму.
Истурено шише со лекови било пронајдено во близина на 63-годишната Бетси Аракава, чие тело покажало видливи знаци на распаѓање – вклучително и отекување на лицето, рацете и стапалата. Во слична состојба бил и нејзиниот сопруг.
„Извршена е првична анализа на пејсмејкерот на г-дин Хекман, која покажа дека последната активност е снимена на 17 февруари 2025 година“, рекол шерифот Мендоза на прес-конференција во петокот, укажувајќи дека најверојатно тоа е моментот кога актерот починал.
Полицијата не се сомнева дека станува збор за злосторство и покрај тоа што влезната врата од куќата била подотворена, бидејќи немало знаци на насилно влегување.
„Прилично сум сигурен дека немало никакво кривично дело, со оглед на недостигот на докази. Но, се разбира, не исклучуваме ништо“, додал Мендоза.
Сомнежите дека двојката и нивното куче загинале поради истекување на гас се отфрлени од противпожарната служба во Санта Фе. Шефот на противпожарната служба Брајан Моја изјавил дека во телата на починатите не е пронајдена трага од смртоносниот гас, но дека се уште нема официјална причина за смртта.
New Mexico Gas ги тестирал гасоводите во и околу куќата, но не нашле никакви проблеми.
Надлежните сега чекаат целосен токсиколошки извештај по завршувањето на обдукцијата, за да добијат појасна слика за тоа што се случило.
„Официјалните резултати од обдукцијата ќе ни помогнат да ја насочиме истрагата во вистинската насока. Обдукцијата е клучна. Ќе потрае некое време, затоа бараме трпение од семејството и јавноста за да можеме да добиеме одговори“, рекол шерифот Мендоза во своето последно обраќање досега.
Фото: Архива