Во рамките на соработката помеѓу Екран, Продукција Скендеровски и проектот „Македонијо во срце те носиме“ денес може да го прочитате интервјуто со нашата Сузана Спасовска. Разговаравме за нејзините почетоци, за настапите и турнеите што ги имала насекаде во светот, но и за моменталните проекти и нејзините идни планови. Уживајте во интервјуто!!!
Веќе повеќе од 35 години сте на македонската музичка сцена, кога започнавте да се бавите со пеење и кој прв го забележа вашиот талент?
– Мојата љубов кон музиката и мојот талент е забележсн уште во основното училиште, потоа во хорот “Развигорче” и Женскиот младински хор под раководство на генијалниот диригент Запро Запров. Таму научив се што ми е денес корисно во мојата работа, дисциплина, техника на дишење, вокали, дикција и бидејќи бев солист на одредени композиции научив и како да ја минимализирам тремата при настап. Потоа,во групата Сирма се запознав и со народната песна, а во групите Макакус и Калиопи и со забавната. И, потоа како во приказна легендата Јонче Христовски на случајна средба во Младинскиот културен Центар
ме однесе во МРТ и ме внесе во канцеларијата на Мате Груевски, велејќи дека ја носи новата музичка ѕвезда. И од тој момент до денес, јас сум 37 години на македонската музичка сцена.
Имате реализирано многу турнеи, настапи и проекти. Дали може да одвоите некој кој ви е омилен и ви останал во сеќавање?
– Од многубројните турнеи(21пат во Австралија), солистички концерти, концерти низ светот и проекти би го издвоила како многу значаен настапот во Опера Хаус- Сиднеј на престижната манифестација”100 години Илинден” каде доживеав емоции уште на самото влегување во таа концертна сала, а громогласните аплаузи доведоа до експлозија од емоции и солзи радосници што се случува ретко во животот. Исто такви чувства и емоции омаше на мојот јубилеен солистички концерт по повод 30 години на музичката сцена каде се претставив со 3 часовен концерт со различни жанрови, стара македонска песна, новокомпонирана, кинеска, опера, композиција со гудачки квартет…Несвојствено и несекојдневно, но тоа сум јас.
Дали кариерата се одрази врз вашиот приватен живот, и дали беше тешко да се усогласат „приватното“ и професионалното?
– Доколку салате да опстоите на сцената долги години и да немсте поголеми осцилации, мора да давате се од себе, да жртвувате многу нешта во животот, но сепак доколку сте организирани, дисциплинирани и одговорни ќе можете со одредена стратегија да успеете да усогласите и приватно и професионално. Па, така, јас сум една супер бабичка што наоѓа време и за внуката и покрај растргнатоста со проекти, концерти, организација на фестивал, работата во Танец, грижата за најблиските итн.
По повод 35 години кариера, излегувате со проектот „Приказна“. Еден интересен проект за одбележување на ваков јубилеј. Како дојдовте до идејата за „Приказна“?
– Да, мојот јубилеј 35 години на сцената беше поинаку одбележан, со проект кој е единствен на балканот и пошироко и содржи ЦД Приказна, УСБ клуч, касета и УСБ со мојот целокупен матерјал кое е наменето за колекционери и може да се порача на email mojaprikazna@gmail.com. Сето тоа се надополнува со две тројни цд-а и печатена и дигитална монографија. Со тоа се заокружува една приказна за еден период од мојата кариера. Сите проекти веќе години наназад се наоѓаат на сите светски дигитални платформи а со тоа јас и мојата екипа сакаме што повеќе да ја афирмираме македонската песна.

Имате добиено многубројни награди и признанија. Што значат тие за вас и дали се тие главниот мотив за да продолжите да творите и настапувате?
– Многубројните награди се само признанија за многу вложен труд и успешноста во работата, но љубовта кон музиката, личната сатисфакција и желбата за афирмација на македонската песна се голем мотив за мене. Господ ми дал благодат, јас сум му благодарна и ја исполнувам неговата желба, тоа е мојата мисија и тоа е причина за постоењето на овој свет. Се додека тој сака, јас со најголемо задоволство ќе продолжам по патот што тој го зацртал за мене, да пеам ,да творам, да ги радувам и да ги растреперувам срцата на луѓето.
Се појавија многу нови и млади изведувачи на народна музика. Што мислите за моменталната сцена и дали имате некој совет за вашите помлади колеги?
На младите останува светот и тие треба да чекорат по патот кој е трасиран од многу македонски пеачки легенди пред нив и да знаат дека ништо не почнува сега, се е почнато одамна. Но, сите ние треба да оставиме и свој белег со свои авторски песни од врвни композитори на ова време, а да обновиме и песни што изумираат и се забораваат. Градењето на сопствен стил, единствен и
препознатлив, да не сте нечија бледа копија, почитувањето на соработниците, сопствена креативност и најважното нешто е да се биде човек во ова време-невреме. Тоа е мојата порака за младите што доаѓаат на сцената.
Во слободно време го изучувате кинескиот јазик, што ве привлече за да го изучувате овој јазик, па дури и да пеете песни на кинески?
– Многу работи низ животот ги правам од љубов и тогаш кога пронаоѓам малку слободно време сакам да се надоградам себеси и да се соочам со нови предизвици, кои не се секојдневни. Тоа е кинескиот јазик и кинеските песни што милувам да ги пеам. Во моментов правам мала пауза со изучувањето бидејќи сум насочена на неколку проекти кои исто така се голем предизвик за мене и бараат голема концентрација на енергија, а еден од нив е проектот со Православни црковни песнопеења “Терирем”, кој наскоро ќе е достапен за публиката. Но, кога сакам да направам мала пауза во работата моето време и го дарувам на мојата внука, бидејќи е скапоцено, а и таа е најскапоценото нешто за мене.
Последно од вас е прекрасната изведба на традиционалната македонска песната „Народе Македонски“ испеана во рамките на проектот „Македонијо во срце те носиме“. Чија беше идејата и како дојде до тоа да учествуавте во овој проект, и што може да очекуваме во наредниот период од Сузана Спасовска?
– Пресреќна сум што сум дел од проектот “Македонијо во срце те носиме”, кој е многу значаен за македонскиот народ, за
негово будење, за негово соочување со реалноста, за поттик во понатамошните битки за идентитет, јазик, култура… Ја
отпеав мојата омилена песна од мојата младост, која заедно со Симеон Гугуловски ја пеев на турнеја во Австралија. Сакав да отпеам песна која не е премногу експлоатирана и препејувана. Песната е со голема порака и се надевам дека на мојот народ ќе му
се допадне и мојата изведба и дека ќе стане дел од секојдневниот музички репертоар. Сите ние бараме слобода, правдина, љубов и мир, затоа да се разбудиме и да погледнеме кон подобра иднина за секој човек.
ekran платформа за слободоумни