Влатко Иљачев- Валдера е ново име на нашата музичка сцена. Денес ќе имате можност да се запознаете поблиску со еден од најинтересните таленти на македонската музичка сцена, кој со својот уникатен музички израз и енергија, успеа да привлече големо внимание кај пошироката публика. Неговите песни носат длабока емоција и искрена приказна. Ова интервју не само што ќе ни открие нови аспекти од неговиот живот и кариера, туку и ќе не инспирира и ќе ни покаже што значи вистинска страст и посветеност кон музиката во денешно време.
Може ли да ни кажеш нешто повеќе за твоите рани години? Кога и како ја откри твојата страст кон музиката? Дали уште како дете знаеше дека ќе се занимаваш со музика и што те инспирираше да го следиш овој пат?
- Роден сум во музичка фамилија , татко ми е професор по музика така да, крушата под круша паѓа само што на татко ми љубов му е хармониката, а на мене пеењето. Уште од мал одев по фестивали, имав настапи во училиштето, свирев хармоника, сајзер итн. Пеењето некако ми прирасна при срце кон крајот на завршувањето на основно и почетокот на средно. Инспирација за да се занимавам со музика не ми беше потребно. Едноставно тоа беше единствениот пат за мене. Друго ништо не би бил во животов. Така сум си одредил веројатно уште пред да се родам. Ова е мојот пат и тоа е тоа.
Каква музика слушаше додека растеше и како таа музика влијаеше врз твојот сегашен звук и стил?
- Пораснав претежно со Тоше и со Whitesnake. Слушав најчесто музика од 80’-тите. Претежно бендови. Така ми поминаа годините во средно. Незнам колку тоа влијае на мојот стил бидејќи претежно се трудам да си бидам јас, да извадам нешто автентично од мене, наместо да се обидувам да звучам како некој друг.
На кои македонски и странски уметници најмногу им се восхитуваш и кои од нив најмногу влијаеле на твојата музичка кариера? Дали има некои музичари во Македонија кои те инспирираат и со кои би сакал да соработуваш во иднина?
- Од домашната сцена Тоше, се разбира, а од странски уметници, уфф премногу ги има еве само да набројам неколку: Мајкл Џексон, Фреди Меркјури, Принц, од бендовите: Битлси , Whitesnake , AC/DC , Gotthard. Што се однесува до македонски музичари и пејачи, незнам, можеби со Каролина дует би направил, ако се најде песна што ќе ни се допадне и на двајцата и што има нешто суштинско во неа, онака, душа во самата песна.
Кога беше твојот прв настап, во какво сеќавање ти има останато тој момент?
- Мојот прв настап веројатно бил во породилното веднаш откога се породила мајка ми, иако јас не се сеќавам баш ама докторите ми имаат кажано оти веднаш сум почнал да пеам и си поминале доста добро тој ден, онака со песна.
Како го избра, односно од каде доаѓа твоето уметничко име, Валдера?
- Ќе го откријам тоа кога ќе дојде вистинскиот ден.
„Уживам” е насловот на тојот деби албум кој излезе пред крајот на 2024 година. Каков беше процесот на создавање на твојот деби албум? Колку време траеше и со какви се предизвици се соочи при неговото креирање? Дали албумот го одразува твојот раст како изведувач и уметник?
- Албумот беше макотрпна работа бидејќи сите песни се напишани и испродуцирани од мене. Ми требаше 6 месеци да го спакувам целосно како производ, и тоа збориме само за продукцискиот дел, песните веќе ми беа напишани бидејќи имам една тетратка со околу 200 песни готови и само требаше да си одберам кои ќе ги ставам на албумот. За микс и мастер ми помогна многу колегата Борче Пелтековски и ете, се гордеам со мојот прв албум. Сега после албумот извадив 2 сингла и ќе ги вадам песните една по една. Би требало до крајот на годинава да спакувам уште еден албум. И така секоја година нов албум. Имам песни, имам работа многу.
Дали има одредена песна на албумот која е особено значајна за тебе? Дали има некои лични приказни или искуства што те инспирирале при креирањето на песните?
- Па за секоја песна што сум ја напишал имало инспирација некаква. Можеби некоја лична случка или ситуација во животов или пак понекогаш знам да креирам сценарио како за на филм и врз база на таа замислена ситуација да напишам песна.
Како си задоволен од тоа како албумот е прифатен до сега? Која порака сакаш да ја испратиш и што сакаш да почувствуваат слушателите кога го слушаат „Уживам”?
- Албумот не стигнав да го испромовирам како што треба и се надевам дека ќе може тоа сега ова лето да го направам. Ќе може луѓето да си го купат од одредени продажни места. Мојата порака до сите кои што ќе го купат албумот е: Пушти на најгласно во колата, оди да се возиш низ градот и уживај.
Твоите синглови се проследени и со интересни музички видеа кои се визуелно впечатливи. Колку имаш креативна контрола кога станува збор за нивно режирање или конципирање? Можете ли да споделиш некои моменти или приказни од зад сцената од снимањето на некое од твоите музички видеа?
- Креативната контрола од почеток па се до крајот на моите песни и моите спотови ја имам јас. И така ќе си остане за сите мои проекти. Ја пишувам песната од почеток, ја снимам, ја продуцирам, вршам надзор за микс и мастер, организирам екипа за снимање на спотот, го режирам и потоа го монтирам. Сам свој мајстор. Е сега да бев октопод уште полесно ќе ми беше бидејќи на сто страни сум расчекнат и фокусиран. Како интересна случка погледнете го спотот за песната „Рај“. Има еден момент кога скокам од карпата кај Св. Канео во Охрид директно во Охридско езеро. Интересен момент беше што девојчето пред да ја снимиме таа сцена цело време ми викаше: Кај ќе скокаш од тука, нормален ли си жити се?
И во спотот во моментот кога скокам може да се види нејзината реакција.
Дали ги гледаш музичките видеа како клучен елемент на раскажувањето приказни или самата музика е твојот главен фокус?
- И двете ми се главен фокус. Сакам и музиката да е одлична, сакам и спотот што ќе го направам за самата песна да соодветствува со самата музика. Немора секогаш да има приказна туку тоа што ќе ми дојде инспирација тоа ќе го ставам во спот. Креативноста доаѓа во многу облици и визии.
Што мислиш за моменталната состојба на македонската музичка сцена? Дали се развива во вистинската насока? Што недостасува? Повеќе настапи, медиумски простор…? Со какви се предизвици се соочуваат младите уметници во Македонија кога се обидуваат да се пробијат на музичката сцена?
- Која македонска музичка сцена? Еве по радијата се пушта македонска музика не викам не. Ама по телевизиите? Колку емисии има посветени на музика? Откога си почина Тоше македонската музичка индустрија полека но сигурно пропадна. Сега Македонија е пазар за странски изведувачи. На полошо сме. Назад одиме.
Како претставник на помладата генерација музичари, какво влијание мислиш дека твојата генерација има на музичката сцена во Македонија? Што мислиш, која е најважната порака или вредност што вашата генерација музичари треба да ја споделат да ја пренесат на пошироката публика?
Нема влијание македонскиот артист, повеќето што прават музика немаат веќе волја бидејќи не им се исплати. Голем број колеги музичари се иселија. Голема е веројатноста тоа да го направам и јас. Ако ништо барем сигурно дека моите следни песни ќе бидат на српски или хрватски, или пак на англиски.
Каква улога играат социјалните медиуми и платформите за стриминг во твојата кариера и како тие влијаеја на твојата видливост како изведувач?
- Ги користам само за промовирање на моите песни и реално бидејќи телевизиите веќе во Македонија не создаваат емисии специјални за музика, сите млади артисти се промовираат преку социјални медиуми и преку веб портали. Наводно ние сме биле најталентираниот народ за музика на балканот така? А една емисија не постои на било која телевизија каде што некој ќе може да отпее своја песна, новокомпонирана македонска песна. И затоа сите одат на социјалните медиуми. Таму барем можеш да допреш до публика.
Кога не настапуваш или не работиш на некој музички проект, што сакаш да правиш во слободно време? Дали имаш некое хоби или други интереси надвор од музиката?
- Играм шах и смислувам стратегии како да го сменам политичкиот систем во општеството. Нели би било поубаво за сите нас кога политичарите би немале моќ?
Сега кога излезе твојот деби албум, што е следно за тебе? Дали на повидок има некои нови проекти или соработки? Можеме ли да очекуваме концертна промоција на твојот деби албум па можеби и некоја мини турнеја? Што е следно за тебе во однос на музиката – дали веќе размислуваш за твојот следен албум?
- Сега ќе се фокусирам на српскиот и хрватскиот пазар со следните песни. Во исто време ќе правам и англиски песни и ќе се обидам да дојдам до луѓе кои што ќе ми помогнат да изградам интернационална кариера. Сфатив дека во Македонија со музика нема да бидам ценет никогаш. Колку и да се трудам, колку и да сум талентиран, без разлика на тоа колку моите песни се хитови и се одлични, секогаш ќе ми биде многу труд за ништо. Затоа, ќе се фокусирам на светот. Да станам тој кој што сум роден да станам. Па нека бидат горди еден ден македонците на мене, нека кажат, е ова е наше дете, се мачеше тука во Македонија и после излезе и го освои светот. Ама никогаш не заборави од каде е и кој е, иако тука му одеше тешко со македонскава музичка ситуација, не си ја заборави својата земја и уште си ја сака и си ја почитува, и сега на цел свет кажува дека е од Македонија.