Интервју со италијанскиот бенд „Marigold Box“ пред нивниот настап во Скопје: Публиката да се подготви за концерт кој никогаш нема да сакаат да заврши!

Marigold Box е италијански трибјут бенд на легендарната гранџ група од Сиетл, Нирвана. Повеќе пати наградувани за нивните трибјут изведби, бенд кој ја почитува и ја пренесува вистинската суштина на Нирвана. Во рамките на нивната голема европска турнеја бендот доаѓа во Скопје. Скопската публика ќе има извонредна можност во сабота, на 22 февруари, да ужива во нивната изведба на најголемите хитови на легендарните Нирвана. Ве очекуваме во сабота во Лабораториум, а вие прочитајте што Фабио од Marigold Box имаше да каже за Екран.

Можете ли да ни кажете нешто повеќе за потеклото на Marigold Box? Како дојде до идејата да формирате трибјут бенд на Нирвана?


  • Проектот Marigold Box е заедничка идејата на Фабио Галели (тапанар) и Анџело Боти (басист). Во 2024 година, во бендот се приклучува извонредно талентираниот Лука „Ворм“ Терзи (вокал и гитара) со што се формира сегашната постава на бендот која ужива голем успех. Лука уште од неговата адолесценција изведувал трибјути за Нирвана поради неговата неверојатна сличност во пеењето и гласот на Курт Кобејн.

Зошто го избравте името Marigold Box? Дали тоа има посебна врска со Нирвана или нивната музика?

  • Изборот на името на бендот претставува комбинација од две песни на Нирвана, поточно Marigold и Heart Shaped Box, со што се формира ново значење.


Каков беше процесот на музицирање кога првпат почнавте да свирите заедно? Како го пронајдовте вашиот звук како трибјут бенд?

  • Сите членови на бендот долги години се музичари со заедничка страст за музиката на Нирвана. Следствено, беше многу лесно да се подготви шоу што е можно пореално и еднакво моќно како она на прочуениот бенд од Сиетл.

Дали некој од вас беше вклучен во други музички проекти пред Marigold Box? Како тоа влијаеше на начинот на кој пристапувате кон трибјутот за Нирвана?


  • Како што беше претходно кажав, бендот е формиран од музичари од други музички проекти. На пример Лука свири во „Animatronic“, кој е многу познат бенд во Италија.

Како трибјут бенд, како успевате да останете верни на вистинскиот звук на Нирвана, а истовремено да додадете и ваш личен печат на изведбите?

  • Ние се сметаме себеси за еден од ретките, ако не и единствениот трибјут бенд на Нирвана кој целосно се фокусира на вистинската суштина на она што навистина беше Нирвана. Без русокоси перики, без костими, без симпатична имитација. Нашата единствена идеја е да ја пренесеме пораката на Курт Кобејн преку неверојатната пејачка сличност на Лука. Нашиот сет во живо е полн со моќ и емоции и во секое шоу во живо го носиме нашиот начин на интерпретација на Нирвана без воопшто да се оддалечиме од она што тие беа.

Музиката на Нирвана е позната по својата сурова енергија и емоционална длабочина. Како ја канализирате таа енергија за време на вашите настапи?

  • Начинот на свирење на Нирвана совршено не отсликува онакви какви што сме на сцената, така што природно е да ја пренесеме истата енергија што тие ја пренесуваа. Секое шоу во живо завршува со скинати жици од гитара и искршени удиралки на тапани. Со секој настап во живо ги надминуваме нашите физички граници за да го дадеме најдоброто од себе.

Дали имате омилена песна или албум на Нирвана што најмногу уживате да го свирите на вашите настапи?

  • Дефинитивно наш омилен албум е првиот албум на Нирвана – Bleach, а омилена песна ни е School.

Според вас, кое е трајното наследство на Нирвана? Зошто нивната музика сè уште одекнува кај луѓето денес?

  • Ова е тема која бара страници и страници со одговори, но накратко мислам дека најдобрата порака за која Нирвана беа еден од најдобрите бендови во историјата е пораката за длабоки емоции во соочувањето со тешкотиите во животот. Пораката што Курт се обиде да ни ја пренесе честопати не е разбрана, но таа целосно изразува многу актуелни теми како што се сексизмот, кревкоста на човечките суштества и тешкотијата да се соочите сами со одредени тешки фази од животот.

Кои се вашите идни цели како трибјут бенд на Нирвана? Дали би пробале да создавате своја авторска музика или планирате да останете фокусирани на трибјут изведбите?

  • Нашата цел е да го следиме нашиот начин на оддавање почит на големината на Нирвана колку што е можно повеќе. Како што беше кажано претходно, во моментов сме фокусирани на трибјутот бидејќи секој од нас има други проекти и музика која чека да биде објавена.

Што мислите за начинот на кој музиката на Нирвана влијаеше на модерните рок и алтернативни бендови?

  • Мислам дека Нирвана, како и другите бендови од легендарните 90-ти, влијаеше на сето она што сега го нарекуваме алтернативен рок. Малку акорди, текстови полни со болка и фокус на пораката, а не на естетиката. Лично, Нирвана ми беа најголема инспирација.

Дали забележувате генерациски разлики во публиката што присуствува на вашите концерти? Дали има помлади обожаватели кои ја откриваат музиката на Нирвана преку вас?

  • За време на нашата турнеја сведоци сме на нешто фантастично: соединувањето на оние фанови кои ги живееле вистинските години на Нирвана и младите луѓе кои преку нивните родители ја засакале музиката на Нирвана. Често се случува да видиме родители и деца во публиката како ги пеат песните на Нирвана и тоа е фантастично!

Дали црпите инспирација од други музичари или бендови, и од ерата на гранџот и пошироко, кога ги изведувате песните на Нирвана?

  • Лично ја сакаме целата гранџ сцена од Сиетл од 90-тите, која останува наш најголем извор на инспирација дури и во нашата необјавена музика што ја пишуваме.

Имате возбудлив претстоен концерт во Скопје на 22 февруари. Како се подготвувате за тоа шоу? Што може да очекуваат фановите од вашиот настап?

  • Навистина сме возбудени што за првпат ќе свириме во Скопје. Тоа ќе биде посебен концерт полн со моќ и емоции. Фановите треба да се подготват за концерт кој никогаш нема да сакаат да заврши!

Дали за скопскиот концерт се планирани некои посебни изненадувања или уникатни елементи кои можете да ги споделите со нас?

  • Да, имаме неколку уникатни изненадувања. Едно од нив е дека ќе свириме 3 песни кои ќе ги изведеме само на концертот во Скопје. Останатото нека биде изненадување за сите оние кои ќе дојдат во сабота на 22 февруари во Лабораториум.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ВИДЕО+ФОТО) „Лицето му е позатегнато од ТАПАН, наскоро нема да може ни да трепне“: Бред Пит е мета на потсмев, фановите тврдат дека ПОЗНАТИОТ АКТЕР претерал со ботокс

Познатиот актер Бред Пит со години важи за еден од најпосакуваните мажи во Холивуд. Иако …