Фото: Википедија

Денес роденден прославува нашиот познат фолк пејач Горан Кукиќ


Горан Кукиќ е роден на 11 декември 1970 година во Струмица. Тој е познат фолк пејач, истакнат македонски музичар и долгогодишен член на групата Јупитер, еден од најпрепознатливите бендови од струмичкиот регион.

Музиката ја носи во себе од најмала возраст. Опкружен со музичари во семејството – неговите вујковци имале бенд – уште во основно училиште сонувал да има своја група. Желбата му се остварила во осмо одделение, кога ја формирал групата „Јупитер“, со која започнал да свири тапани и паралелно да пее, бенд кој оставил длабока трага на локалната музичка сцена.


Во 1986 година, Горан и Јупитер ја снимаат песната „Шарам барам“ за тогашната Радио Телевизија Скопје – материјал кој ги бележи првите нивни поголеми успеси. Групата настапувала на бројни фестивали, а во 1990 година освојуваат второ место на фестивалот во Киев, што претставува значајно достигнување за македонски бенд од тоа време.

Една година живеел и работел во Австралија, во Сиднеј, каде настапувал во локална кафеана, искуство што дополнително го обликувало како музичар и како човек.


Горан Кукиќ стекнува регионална популарност кога станува победник на првата сезона од познатото музичко шоу „Никад није касно“, каде ја освои публиката со својот топол глас, харизма и впечатлива сценска енергија.

Љубовта кон музиката не е само дел од неговата кариера, туку и дел од неговиот живот. Негова сопруга е познатата пејачка Ленче Дедејска – Кукиќ, со која често музички соработува и споделува исти уметнички вредности. Музичкиот талент го наследил и нивниот син Иван, кој ги следи стапките на своите родители. Иван е извонреден млад музичар кој одреден период беше дел од бендот на гитарската легенда Влатко Стефановски.


Редакцијата на „Екран“ ја користи оваа прилика да му го честита роденденот на Горан, со желба за многу здравје, уште многу музика и нови успеси.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Битолски театар и Бабец театарот ја воодушевија публиката во Шведска

Екипата на Битолскиот театар со претставата ,,Ако останеш дома” по мотиви на Карој Сакони и …