На денешен ден, 9 декември, се навршуваат шест години од смртта на Gun-Marie Fredriksson, неповторливата шведска пејачка, композиторка и пијанистка која зад себе остави едно од највпечатливите музички наследства во поп-рок историјата. Како половина од легендарното дуо Roxette, заедно со Per Gessle, Marie создаде песни што ги обележаа 80-тите и 90-тите години и оставија печат врз генерации слушатели ширум светот.
Пред да стане светска ѕвезда, Marie веќе имаше богато музичко искуство во Шведска. Почна во панк-групата Strul, па во проектот MaMas Barn, а веќе во 1984 година го издаде својот прв соло-албум.
Но, пресвртот дојде во 1986 година со формирањето на Roxette. Албумите Look Sharp! и Joyride ја лансираа во самиот врв на светската музичка сцена. Хитовите „It Must Have Been Love“, „Listen to Your Heart“, „The Look“ и „Joyride“ доминираа на топ-листите, а Marie стана симбол за моќен вокал, емоција и харизма.
Со четири први места на Billboard Hot 100 топ листата и неизбришливи концертни настапи, Roxette остануваат едни од најуспешните европски поп-рок состави на сите времиња.
Во 2002 година, Marie се соочи со најтешката битка – дијагноза на тумор на мозок. И покрај тешката здравствена состојба и долгиот период на рехабилитација, таа продолжи да создава музика. Издаде нови соло-албуми, повторно се обедини со Gessle и се врати на сцената со огромна сила и инспирација.
Marie Fredriksson почина на 9 декември 2019 година, оставајќи зад себе творештво исполнет со емоции, енергија и искреност. Нејзиниот глас и ден-денес останува жив преку безвременските песни на Roxette.
Сеќавањето на Marie е сеќавање на една жена што пееше со целото срце, што ги преточи радоста, болката и љубовта во музика што останува вечна.
ekran платформа за слободоумни