Германската драма Sound of Falling, новото остварување на режисерката Маша Шилински, се наметна како едно од највпечатливите филмски изненадувања во 2025 година. Филмот, кој ја освои Наградата на жирито на годинашното издание на Канскиот филмски фестивал, веќе се смета за водечки кандидат во трката за најпрестижните светски признанија.
Ова интимно, поетско и длабоко вознемирувачко дело е германскиот официјален претставник за категоријата Најдобар меѓународен филм на 98. Награди на Академијата.
Sound of Falling го следи одраснувањето на четири девојки – Алма, Ерика, Ангелика и Ленка, сместени во четири различни историски периоди: на почетокот на Првата светска војна, во завршницата на Втората светска војна, во Источна Германија во 1980-тите, на почетокот на 21. век.
Она што ги спојува е истата напуштена фарма во германскиот регион Алтмарк. Зад нејзините ѕидови со вековна тишина се испреплетуваат трауми, тајни и болни настани – сексуална злоупотреба, инцест, насилство и наследени рани што се провлекуваат низ генерациите. Филмот нежно, но храбро ја истражува идејата дека минатото никогаш целосно не исчезнува, туку продолжува да живее во идните животи.
Во филмот играат:
Хана Хект како Алма
Лена Урзендауски како Ангелика
Лаени Геиселер како Ленка
Леа Дринда како Ерика
Сузане Вуст, Луизе Хајер и други
Екипата беше избрана по процес на кастинг што траел цела година, во кој учествувале над 1.400 девојчиња.
Шилински и ко-сценаристката Луизе Петер ја напишале приказната инспирирани од лето поминато на фарма во Алтмарк. Една фотографија од три жени од 1920 година станала искрата што го разгорела целиот проект.
„Кога влегувавме низ старите простории, можевме да ги почувствуваме вековите. Кој живеел тука? Што се случило овде? Кои судбини се впишани во овие ѕидови?“
– Маша Шилински
Сценариото се развивало три години, под работниот наслов The Doctor Says I’ll Be Alright, But I’m Feelin’ Blue, и во 2023 ја добило престижната Thomas Strittmatter награда.
Снимањето траело 34 дена во Саксонија-Анхајт, а визуелниот стил бил инспириран од фотографиите на Франсеска Вудман – позната по својата мрачна, поетска естетика.
Филмот премиерно беше прикажан на 78. Кански филмски фестивал на 14 мај 2025 година, станувајќи прв германски филм режиран од жена во главната конкуренција по „Toni Erdmann“ (2016). По Кан, го откупија големи дистрибутери како Mubi, а филмот беше прикажан на најголемите светски фестивали: Торонто, Лондон и Стокхолм. Во Германија беше премиерно прикажан во киносалите на 28 август 2025 година.
Филмот доби извонредни критики: 95% позитивни рецензии на Rotten Tomatoes и 91/100 на Metacritic – „универзално признание“
Sound of Falling е длабоко емотивно, визуелно поетско и тематски храбро дело кое нурнува во колективната женска траума низ вековите. Тоа е филм за тишините што траат, за невидливите рани што се наследуваат, и за љубопитноста која нè тера да гледаме право во „сонцето“ – без страв, иако знаеме дека може да нè изгори.
Ова е еден од оние филмови што долго остануваат во мислите.
ekran платформа за слободоумни