На 27 ноември 1999 година, во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје, се одржа првото издание на фестивалот Таксират. Тоа беше воедно и прв и последен пат фестивалот да се одржи во МКЦ, но токму таму започна приказната која денес претставува едно од највлијателните музички и културни случувања во Македонија и регионот.
Честа да го отворат првото издание им припадна на култниот македонски бенд Културно Уметнички Работници, а сцената истата вечер настапија и Рамбо Амадеус, Забрањено Пушење, Дарко Рундек, Exic, Hipodil, Nuk Di и Korpu. Фестивалот започна како мал бунтовен собир кој го изразуваше револтот и незадоволството од скромната музичка и културна понуда во Македонија кон крајот на 90-тите.
Зборот „таксират“ – стар турски израз за „лоша судбина“, „несреќа“ – симболично ја одразуваше атмосферата во која фестивалот настана. Но, како што ќе се покаже, токму „лошото искуство“ инспирираше создавање на нешто ново, поинакво и поубаво за градот.
Со текот на годините, Таксират прерасна од мал контра-културен протест во високопрофесионален фестивал кој денес привлекува над 10000 посетители само на главната фестивалска вечер. И покрај големиот раст, фестивалот останува верен на своите почетоци: поддршка на алтернативната култура и промоција на креативната слобода.
Покрај главните музички настапи, Таксират долги години развива богати off-програмски содржини како: уметнички перформанси, арт-филмови, театарски претстави, музички конференции, работилници, шоукејс настапи, општествено одговорни кампањи (No Guns, Stop AIDS, Be A Volunteer), промоција на нови музички изданија и поддршка на млади и неафирмирани уметници.
Овој концепт го подигнува фестивалот над рамките на класичен музички настан – Таксират е културно движење.
Во изминатите 26 години на фестивалот гостувале имиња од светска и регионална класа, меѓу кои:
Iggy Pop & The Stooges, Manu Chao La Ventura, Kaiser Chiefs, Gentleman & The Evolution, Parov Stelar Band, The Roots, Skindred, The Exploited, Fun Lovin’ Criminals, White Lies, Laibach, Atari Teenage Riot, Asian Dub Foundation, Buraka Som Sistema, DJ Premier, Ferry Corsten, како и голем број домашни и регионални ѕвезди како Мизар, Кирил Џајковски, Фолтин, Суперхикс, Љубојна и многу други.
Таксират редовно ја добива меѓународната почит и признанија:
- Признание за Најоригинален концепт – Поврзување на Истокот и Западот (Дрезден, Германија)
- Номинации за The Best Rock’n’Roll Festival on the Balkan
- Четирикратна номинација за Best Overseas Festival на UK Festival Awards (2008–2011)
- 7 години по ред – номинации за Best Indoor Festival и Best Small Festival на European Festival Awards
- Добитник на престижната еко-награда Green’N’Clean (2011)
Од 2013 година организатор е на првата меѓународна музичка конференција во Македонија – PIN MUSIC Conference & Showcase
Фестивалот продолжува да живее и да расте. На 6 и 7 декември, ќе се одржи 27. издание на Таксират, повторно потсетувајќи нè дека бунтот може да создаде култура, а „лошата судбина“ може да се претвори во двигател на нешто навистина големо.
Таксират останува пример како контра-културата, упорноста и страста кон музиката можат да изградат подобро и поотворено Скопје и да го изменат културниот пејзаж на цел регион.
За уште многу години!
ekran платформа за слободоумни