На 22 ноември 1968 година, музичкиот свет го доби едно од највлијателните и најзначајни изданија на сите времиња – двојниот албум „The Beatles“, попознат како „The White Album“. Ова беше деветтиот студиски албум на легендарниот британски состав и нивен прв проект издаден под сопствената издавачка куќа Apple Records.
Албумот е познат по својот радикално едноставен изглед: целосно бела корица, без графики или текст, освен бледо втиснатото име на групата. Таквиот минимализам беше свесен контраст кон психоделично шарената естетика на нивниот претходен мегахит „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“.
Помеѓу мај и октомври 1968 година, „белите“ сесии во студиото Abbey Road беа обележани со тензии, несогласувања и изразена индивидуализација меѓу членовите на групата. Долгото престојување во Индија на курс по трансцедентална медитација инспирираше огромен творечки бран – дури 40 нови песни, од кои 30 влегоа на албумот.
Јоко Оно за првпат постојано присуствуваше во студиото, предизвикувајќи напнатост. Ринго Стар кратко го напушти бендот поради внатрешни конфликти. Инженерот Џеф Емерик си поднесе оставка среде процесот. Џорџ Мартин, продуцентот на Битлси, неочекувано отиде на одмор, оставајќи му дел од работата на младиот Крис Томас. И токму во тој хаос, албумот прерасна во ремек-дело.
За разлика од претходните албуми, секоја песна овде е зачувана во својот жанровски „чист“ израз. Многу композиции беа снимена од само еден или двајца членови, што ја одразува тогашната фрагментација на групата. Голем дел од песните биле напишани за време на престојот во Ришикеш, каде единствениот инструмент што бил на располагање бил акустичната гитара. Тоа резултира со необично интимна и органска звучна палета.
И покрај мешаните реакции во моментот на издавање „The White Album“ веднаш го освои врвот на топ-листите во Велика Британија и САД. Денес се смета за едно од најголемите дела во историјата на поп и рок музиката.
До денес, „The White Album“ е сертифициран 24× платинест во САД и се наоѓа меѓу највисоко оценетите албуми во сите критички листи.
ekran платформа за слободоумни