ФЛУ Скопје со меѓуакадемската изложба „Нишки / Threads“ гостува во Белград


Во петок, 12 декември, со почеток во 19 часот, во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Белград, на адресата Кнез Михаилова 53, ќе биде отворена изложбата „Нишки / Threads“, најновиот резултат од соработката меѓу Факултетот за ликовни уметности во Скопје и Факултетот за ликовни уметности во Белград. Изложбата ќе биде достапна за посетителите до понеделник, 29 декември 2025 година.

„Нишки“ претставува мултимедиумска поставка со дела од тринаесет постдипломци од сите студиски програми на ФЛУ – Скопје. Со нејзиното отворање, Галеријата на ФЛУ во Белград повторно се активира како простор за современи уметнички дијалози, потврдувајќи ја важноста на институционалната размена, мобилноста и унапредувањето на современите уметничко-истражувачки практики.


На отворањето ќе присуствуваат деканката на ФЛУ – Скопје, д-р Славица Јанешлиева, ред. проф., продеканите м-р Слободанка Стевческа, ред. проф. и м-р Гоце Наневски, ред. проф., како и др.ум. Ангел Миов, ред. проф. и м-р Велимир Жерновски, доц., заедно со четворица постдипломци од Факултетот за ликовни уметности, кои ќе ја претставуваат институцијата.

Изложбата се надоврзува на гостувањето „ФЛУ Апертура 2024“ во Скопје, под кураторство на доц. Немања Николиќ, кое ја истакна разноликоста на уметничко-истражувачките теми во рамки на докторските студии на Белградскиот факултет. Преку проектот „Нишки“, магистерските студенти на ФЛУ – Скопје ги преточуваат своите индивидуални уметнички истражувања во заедничко мисловно ткаење, како што формулира деканката Јанешлиева во воведниот текст од придружната публикација. Насловот функционира како метафора — линија на поврзување која ги спојува различните медиуми, тематски простори и визуелни јазици, како и методологиите и истражувачките процеси на двата факултети.


Проектот претставува значајна платформа за развој на критичко мислење, иновативност и професионални компетенции кај студентите, поттикнувајќи заеднички интердисциплинарни иницијативи кои ги афирмираат современите уметнички модели во високото образование. На подолг рок, ваквото транснационално вмрежување меѓу уметничките академии и културните институции ја зајакнува динамиката на современата уметничка сцена, ја негува слободата на уметноста и го поддржува духот на солидарност и заемна поддршка.

„Нишките се емоционални резонанци на младите. Постои ли нешто поважно?“ – се вели во концепциската рамка на изложбата, која го истакнува токму чувствителниот, современ и ангажиран поглед на новата генерација македонски визуелни уметници.


Со свои дела се претставуваат: Доротеј Нешовски, Ангела Савеска, Кристина Таневска, Марија Трпеска, Дорина Тенева, Мартина Спасовска, Андреј Антевски, Ана Лазаревска, Елена Димова Пантелиќ, Стефан Јакимовски, Михаил Паскоски, Беркант Хасаничај и Елена Димоска.

Изложбата е отворена за сите љубители на современата уметност, како и за академската и културната јавност од регионот.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Битолски театар и Бабец театарот ја воодушевија публиката во Шведска

Екипата на Битолскиот театар со претставата ,,Ако останеш дома” по мотиви на Карој Сакони и …