Мајли Реј Сајрус (Miley Ray Cyrus), родена како Дестини Хоуп Сајрус на 23 ноември 1992 година е една од највлијателните, најиновативните и најпрепознатливите поп пејачки во современата музика. Пејачка, текстописец, актерка и контроверзна, но секогаш автентична уметница, Мајли веќе две децении го обликува глобалниот поп-културен пејзаж. Често нарекувана „тинејџерска кралица“ на 2000-тите, таа претставува редок пример на дете-ѕвезда која не само што ја задржа славата во зрелите години, туку ја засили и надмина.
Мајли е родена во Френклин, Тенеси, во семејството на Летиција „Тиш“ Сајрус и кантри-ѕвездата Били Реј Сајрус. Нејзиното родено име Destiny Hope симболизирало надеж за блескава иднина, а прекарот “Smiley“, кој го добила поради постојаната насмевка, прераснал во нејзиното денешно име Мајли. Во 2008 година официјално го променува името во Miley Ray Cyrus.
Уште во детството се запознава со светот на сцената, појавувајќи се во серијата Doc и филмот Big Fish. Охрабрена од нејзината кума, легендарната Доли Партон, Мајли започнува да ја гради кариерата што подоцна ќе стане светски феномен.
Во 2006 година, тринаесетгодишната Мајли добива улога која засекогаш ќе ја промени нејзината судбина – Хана Монтана. Серијата на Дизни брзо се претвора во културна сензација, а Мајли станува најголема тинејџерска ѕвезда на генерацијата. Како Хана Монтана, таа објавува успешни саундтраци, тргнува на распродадени турнеи и поставува рекорди што тогаш ретко кој млад изведувач ги достигнувал.
Со Meet Miley Cyrus (2007) и Breakout (2008) ја започнува успешната соло кариера. Синглот „Party in the U.S.A.“ (2009) станува едно од најпродаваните изданија во историјата на САД.
Во 2013 година ја шокира и фасцинира јавноста со албумот Bangerz, кој го носи нејзиниот прв број 1 хит на Billboard Hot 100 топ листата, легендарната „Wrecking Ball“. Со секој следен проект Мајли се трансформира и експериментира со психоделичен поп (Miley Cyrus & Her Dead Petz), се враќа кон корените со кантри-албумот Younger Now, а потоа триумфира во рок стил со Plastic Hearts, кој критичарите го сметаат за еден од нејзините најдобри албуми.
2023 ѝ носи нов триумф: албумот Endless Summer Vacation го раѓа мегахитот „Flowers“, кој станува глобален број 1, поставува рекорди и ѝ носи две Греми награди.
Покрај музиката, Мајли има богата актерска кариера: Bolt, The Last Song, LOL, Hannah Montana: The Movie, како и улоги во Black Mirror, Guardians of the Galaxy Vol. 2 и Drive-Away Dolls (2024).
Нејзиниот документарец Miley: The Movement, како и новогодишниот спектакл Miley’s New Year’s Eve Party, ја потврдуваат како медиумска сила која ги трансформира форматите на забавната индустрија.
Во 2014 година ја основа непрофитната организација Happy Hippie Foundation, посветена на поддршка на младите ЛГБТ лица и млади без дом. Со Backyard Sessions ја промовира идејата дека музиката е средство за поврзување и поддршка.
Сајрус е пример за уметница што прерасна од тинејџерски феномен во глобален симбол на слобода, автентичност и креативност.
ekran платформа за слободоумни