Сашко Костов е роден на 18 ноември 1981 година во Велес, Македонија. Од најрана возраст, музиката го водела низ патот на креативноста и истражувањето, а неговата страст кон инструменталното изразување го однела до џез академијата, каде што студирал тапани и афрички перкусии во класата на Алек Секуловски и Илија Пеовски.
Како мулти-инструменталист, Сашко Костов создава музика која е длабоко поврзана со неговите влијанија и потекло. Неговите композиции, полни со сложеност и богатство на тонови, од првото слушање ги допираат слушателите и не оставаат рамнодушни.
Музичката кариера на Костов започнува во 1995 година. Фокусот на неговата соло кариера, заедно со компонирањето музика за театар и филм, стануваат негови страсти. Неговата музика е интригантна, а сепак верна на личните творечки стремежи.
Покрај соло проекти, Сашко соработувал со бројни музички имиња и групи, меѓу кои Горан Трајкоски, Мугер Фугер, Last Expedition и Electric Audrey – група формирана во Турција заедно со браќата Гокцел и Гоксен Ергене. Во 2009 година реализирал големата балканска турнеја во Белград, Нови Сад, Сомбор, Сараево, Бања Лука, Сплит, Каштел Стари, Загреб, Вараждин, Подгорица, Тиват и Љубљана, а подоцна настапувал и на европски турнеи во Полска, Холандија, Германија и Швајцарија.
Сашко Костов е активен и во меѓународни театарски проекти, со соработки во Јужна Кореја и Романија, каде неговата музика се изведува во живо. Тој учествувал на џез работилница во Сараево во 2006 година и држел предавања за театарска музика, физички театар и изработка на инструменти од рециклирани материјали на фестивалот Тони Буландра во Романија во 2017 година.
Меѓу наградите што ги добил ги издвојуваме: изборот за најдобар соло изведувач од Македонската телевизија во 2008 година и наградата за најдобра претстава за „Шумата на моето дрво“ на театарскиот фестивал Тони Буландра во Романија во 2018 година.
Среќен роденден Сашко, ти посакува редакцијата на Екран.
ekran платформа за слободоумни