Денес е спомен на светиот маченик Нестор


Македонската православна црква и нејзините верници денес го одбележуваат споменот на светиот маченик Нестор.
Во времето на страдањето на свети Димитриј Мироточивиот, во Солун живееше еден млад човек по име Нестор, којшто на верата се научи од самиот свети Димитриј. Во тоа време, христоборниот цар Максимијан приредуваше разни игри и веселби за народот. А љубимец на царот му беше еден вандалин по име Лиј, со голијатски раст и сила. Како царски гладијатор, Лиј секојдневно ги предизвикуваше на мегдан луѓето и ги убиваше. Крволочноста на овој Лиј го развеселуваше крволочниот идолски цар. За борбите на Лиј царот направи посебна сцена, како една тераса на столбови. Долу под терасата имаше забиено копја со остриците устремени нагоре. Кога Лиј ќе победеше некого во борење, ќе го фрлеше одозгора од терасата врз цела една шума од исправени копја. Наоколу стоеше незнабожечкиот народ со својот цар и се развеселуваше кога некое бедно човечко суштество ќе се виткаше во маки на копјата сè додека не издивне. Меѓу невините жртви на Лиј беа и многумина христијани. Зашто во деновите кога никој доброволно не се пријавуваше за борба со Лиј, тогаш по царска наредба насилно ги довлечкуваа христијаните на борилиштето. Гледајќи ги тие ужасни разоноди на незнабожечкиот народ, на свети Нестор му се кинеше срцето од болка. И тој реши самиот да излезе во борба со џиновскиот Лиј. Но, претходно отиде во затворот кај свети Димитриј за да побара од него благослов за тоа. Свети Димитриј го благослови, го прекрсти со знакот на крстот на челото и на градите и му прорече: „Лиј ќе го победиш, но за Христа ќе пострадаш.“ Младиот Нестор значи му излезе на мегдан на Лиј. Беше присутен и царот со толпа народ; и сите го жалеа младиот човек зашто ќе загине и го одвраќаа од борбата. Но, Нестор се прекрсти и рече: „Боже Димитриев, помогни ми!“ И со Божја помош Нестор го совлада Лиј, го собори и го турна врз копјата, каде што тешкиот џин брзо умре. Тогаш сиот народ викаше: „Голем е Бог на Димитриј!“ А царот се посрами пред народот, се нажали по својот љубимец Лиј и многу се разгневи на Нестор и на Димитриј. Па овој свиреп цар нареди и Нестор го убија со меч, а Димитриј го избодоа со копја. Тогаш го заврши својот овоземен живот славниот христијански јунак Нестор, во 306 година, кога се пресели во Царството на својот Господ.

Преподобен Нестор Летописец



Во својата седумнаесетта година стапи во Киево-Печерскиот манастир, уште додека беше игумен свети Теодосиј. Ја напиша првата историја на рускиот народ, во којашто ја вплете и историјата на руското подвижништво. Се одликуваше со необично смирение и кротост. Во своето славно книжевно дело често се нарекува себеси недостоен, груб, незнајко, преисполнет со секаков грев. Но, Бог Којшто ги познава човечките срца, го прослави овој свој прекрасен угодник. Кога Нестор се упокои, на 27 октомври 1114 година, од неговите мошти се извршија многубројни чуда.

Фото: Принтскрин/МПЦ


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Заштита на организмот – Како да се храните во текот на зимските месеци во средина со загаден воздух

Институтите за јавно здравје објавија препораки за исхрана во зимските месеци во урбани средини со …