Битолски театар и Бабец театарот ја воодушевија публиката во Шведска


Екипата на Битолскиот театар со претставата ,,Ако останеш дома” по мотиви на Карој Сакони и екипата на Бабец театарот со „На гости кај Кате и Фреда“, по делото на Ингеборг Фон Задов, двете претстави во режија на Јован Ристовски, успешно се претставија во Трелеборг, Шведска каде гостуваа на покана на македонско шведското друштво Пелистер. Публиката воодушевена од двете претстави, ги поздрави актерите и режисерот со долготраен аплауз.

„ Ви благодариме Васко и Јуле за прекрасната глума и емоциите што ги оставивте на ,,штиците што живот значат”. Ви благодариме и вам, наши гости и љубители на театарот, што ни покажавте и уште еднаш докажавте дека се’ додека има макар и еден посетител вреди да се изигра претставата. Со купените билети публиката го помага работењето на ,,Македонска Библиотека Трелеборг” и придонесува во развојот на македонската заедница во Шведска“, истакнаа организаторите.


,,Ако останеш дома” е драма во еден чин, во која главните улоги ги играат Јулијана Мирчевска и Васко Мавровски. Секојдневна приказна во која се препознаваат млади брачни парови. Инспирацијата за претставата на режисерот му била секојдневието на обичните луѓе. Сценографијата на претставата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а продукцијата е од сопствени средства на Битолскиот Народен театар.

Драмскиот детски текст “На гости кај Кате и Фреда” важи за еден од најдобрите германски современи драмски дела наменети за детската популација, односно за возраст од 5 +. Оваа исклучителна драма е важна бидејќи ја разработува темата за промени, инклузија, прифаќање и неприфаќањето на различностите и една од најважните теми – емпатијата.
„Глумците – фантастични, публиката уште пофантастична. Многу смеа и радост кај најмалите. Да ни се множат ваквите настани и насмевките кај децата драги Македонци“, додаваат организаторите.
Во претставата играат: Јулијана Мирчевска, Катарина Аневска Дранговска, Марија Стефановска. За сцената и костимите се погрижи Јован Ристовски, дизајн на светло Игор Мицевски. Премиерата на претставата беше изведена во рамките на ИДТФ Битолино, по повод 14.роденден на Бабец театарот.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ПСИХОЛОГ ТВРДИ ДЕКА 2 РАБОТИ ТРЕБА ДА СЕ ПРЕМОЛЧАТ ВО БРАКОТ: Таквите коментари не се корисни

Вистината е дека не секоја искреност е толку корисна како што мислиме, и не секоја …