Со препознатлив глас, искрен пристап и песни што зборуваат за животот без филтри, Наташа Малинкова со години е присутна на македонската музичка сцена. Во интервјуто што следи, таа зборува за музиката, предизвиците, личните емоции и патот што ја обликувал како уметник и како жена.
Дали некогаш сте напишале песна што никогаш не сте ја објавиле затоа што беше премногу вистинска?
Да. Има песни што се како личен дневник – не се за публика, туку за преживување. Можеби еден ден ќе дојде нивното време, но засега остануваат само мои.
Кога најмногу се плашите да излезете на сцена и како го надминувавте тоа чувство?
Најмногу кога ми е премногу важно. Тогаш си потсетувам дека не сум таму за да бидам совршена, туку искрена. Кога ќе почнам да пеам – стравот исчезнува.

Дали некогаш сте ја сакале музиката повеќе отколку љубовта?
Да. Музиката никогаш не ме напуштила. Таа беше со мене и кога љубовта доаѓаше и си одеше.
Кој најнеочекуван совет сте го добиле од семејство или пријател и всушност помогнал?
„Не мораш секому да му се допаднеш.“ Кога го прифатив тоа, станав послободна – и како човек и како артист.
Кој ги планира вашите настапи?
Имате ли менаџер и што точно му имате доверено? За среќа низ годиниве се докажа дека имам добри менаџерски способности. Имам тим со кој соработувам, но јас сум секогаш вклучена во одлуките. Последниот збор во повеќе наврати бил мојот. Доволно е тоа што сум лојален колега и соработник а настапите не се само работа – тие се мое лице и моја енергија.

Ако можевте да избришете една сцена или настап од вашата кариера, кој би бил тоа и зошто?
Искрено – не би избришала ништо. И лошите настапи ме научија повеќе од добрите.
Дали постои музичар со кого би отишле на соработка и би ризикувале целосно нов стил?
Да, апсолутно. Ме привлекуваат артисти што не се плашат да рушат рамки. Нов стил значи нова вистина.
Кој критичар или реакција ви остави најдлабок впечаток – позитивен или негативен?
Имало негативни критики кои ми останале долго… но токму таа ме натера да работам повеќе и да си верувам уште посилно.
Дали некогаш сте морале да одбиете нешто лично заради кариера?
Да. Повеќе пати . Кариерата знае да биде љубоморна. Но со време учиш да поставуваш граници.
ekran платформа за слободоумни