ВЕЧЕРВА ЗАПОЧНУВА 17 ИЗДАНИЕ НА БИТОЛСКОТО КУЛТУРНО ЛЕТО „БИТ ФЕСТ“


На античкиот локалитет Хераклеја Линкестис, вечерва со Концерт на групата „Леб и сол“, започнува 17 издание на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. Со концертот во Битола, легендарната група, ја започнува својата турнеја за одбележување на 50 години на музичката сцена. Влезници по цена од 400 денари, можат да се набават во Офицерски дом и Хераклеја од 10:00 до 20.30 часот.

Официјалната програма на БИТ ФЕСТ ќе трае од 26 јуни до 31 август, но културната понуда на Битола, како прет и постпрограма е застапена за време на целиот период од календарското траење на летото и истата е исполнета со содржини од различни културни жанрови, поддржани од Општина Битола и Министерството за култура и туризам.


Пред официјалниот старт вечерва, публиката имаше можност да ужива во Празникот на музиката „Солстис“, да биде со програмските содржини на Интернационалниот младински арт фестивал „Битола отворен град“, кој трае до 28 јуни, а од синоќа вљубениците во пишаниот збор имаат можност да го проследат саемот на книга „Критична маса“ кој се одржува на малото плато пред Офицерски дом од 09:00 до 23:00 часот и ќе трае до 28 јуни.

Утревечер, на 27.06, од 20:00 часот дел од програмата на Битолското културно лето е Концертот со авторска музика на Стефанија мјузик ворлд, кој ќе се одржи на Нова сцена во Центар за култура. Станува збор за јубилеен концерт кој слави една деценија посветеност, креативност и љубов кон музиката. Стефанија е дипломирана поп-џез пејачка, артистка со препознатлива интерпретација и оригинален звук, која заедно со искусните музичари, најавува музичко патување исполнето со емоции, слобода и звук што допира до срцето.
Концертот носи љубов кон музиката, искреност и стил кој спојува повеќе жанрови. Публиката во живо ќе ги слушне нејзините најистакнати авторски композиции, преработени во современи џез, џез-рок и босанова аранжмани, џез стандарди – звук што го спојува класичното и модерното, нежното и енергичното.


Настапуваат: Стефанија Милевска Враниќ – вокал, Билјана Трајковска – вокал и пратечки вокали, Владимир Враниќ – гитара, Владимир Николиќ / Dadoni – труба, Ристо Крстевски – клавијатура, Зоки Паркет – контрабас и бас и Павел Талевски – тапани.

За овој конецрт билети по цена од 250 денари, можат да се набават во Анастасија Центар и Порта Џез.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ВИДЕО) Пар од Монако предизвикал хаос на мрежите; „Љубовта е слепа, но парите не се“

Една сцена од Монако предизвика внимание на јавноста, но и лавина од коментари на мрежите… …