Тамара Стојаноска од Република Северна Македонија е главната победничка на седмото издание на престижниот меѓународен Конкурс за млад театарски режисер „Слави Шкаров“, што се одржа од 16 до 21 јуни во Драмскиот театар „Сава Огњанов“ во Русе, Бугарија.
Оваа година, конкурсот се одвиваше под мотото „Нарцис и Ехо“, избрано од селекторката Деница Езекиева – театаролог и уметничка советничка, која истакна дека главни критериуми биле естетските квалитети, оригиналноста на режисерската концепција и способноста за авторски сценски израз.
Стојаноска се претстави со режисерска интерпретација на извадок од романот „Срце од ајкула“ на американската авторка Емили Хабек. Проектот беше реализиран во соработка со актерите Соња Пилатова, Борислав Апостолов, Ростислав Панков, Надја Банчева и Александар Узунов.
Покрај главната награда од стручната жири-комисија, Тамара ја освои и наградата од публиката, која со ентузијазам го поддржа нејзиниот проект по изведбата на финалните извадоци.
Жирито во состав: Клаудио Гроза (драматург), Ина Шкарова (драматург), и Жарко Спасовски (актер и директор на театарот „Јордан Хаџи Kонстантинов – Џинот“ од Велес) ги оценуваше тројцата финалисти: Рафаел Бижев од Бугарија, Тамара Стојаноска од Македонија и Тудор Антофи од Романија.
На свечената церемонија, директорот на театарот Бојан Иванов ги врачи наградите, меѓу кои и специјалната награда на фондацијата „Костјо Станев“ за актерско остварување, која ја доби Борислав Апостолов за улогата во извадокот на Стојаноска.
Победата на овој конкурс ѝ овозможува на Тамара Стојаноска да го доразвие прикажаниот извадок во целосна театарска претстава, која ќе биде вклучена во наредната театарска сезона на сцената на Русенскиот театар.
Конкурсот „Слави Шкаров“ е именуван по познатиот бугарски режисер и има за цел да ги поддржи младите таленти во театарската уметност, овозможувајќи им значајна платформа за развој и професионално изразување.
Романот „Срце од ајкула“ со својата емотивна длабочина и митолошки преплети, се покажа како инспиративен избор за сценска адаптација – амбициозен предизвик што режисерката го прифати со зрелост и уметничка инвентивност.
„Ова е седмото издание на овој фестивал и јас секогаш, на еден или друг начин, сум била поврзана со него“, сподели драматургот Ина Шкарова за „Телеграф“, која годинава беше дел од жирито. „Оваа година фестивалот прерасна во меѓународен и дури и јас самата имав свои ’лични прашалници‘ – најмалку поради стравот да не се изгубиме во преводот“, сподели Шкарова со насмевка, имајќи предвид дека и жирито беше составено од меѓународни членови. „Меѓу нас договорот беше – политиката на страна – се обединуваме околу темата ’Театар‘.
Оваа ситна девојка, Тамара, за само 5 дена успеа да создаде приказна со своите актери, преку која сите ние разбравме за што всушност се работи во целиот роман на Емили Хабек“, раскажува Шкарова. Извадокот од „Срце од ајкула“ траел околу 20 минути, а таа продолжува: „Се снајде одлично и на чисто драматуршко ниво – се гледаше дека си ја завршила домашната задача уште пред да дојде во Бугарија“, коментира таа, потенцирајќи дека целиот извадок бил подготвен за само 5 дена. „Таа знаеше што сака да раскаже и го направи многу добро. Нејзината работа со актерите, импровизациите и користењето на театарскиот јазик – исто така беа очигледни. Успеа да раскажува приказна преку дејство, што е од голема важност во светот на театарот. Тамара претходно учела во музичко училиште пред да се запише на режија, што на крајот ѝ помогнало во тоа што сите ние го видовме“, открива Ина Шкарова.
- Извадок од интервју на Ина Шкарова за Телеграф, Бугарија