На 23 ноември 2008 година, по повеќе од една деценија шпекулации, одложувања и легенди кои веќе станаа дел од рок-митологијата, Guns N’ Roses го објавија својот шести студиски албум – Chinese Democracy.
Албумот пристигна како едно од најочекуваните (и најскапите) изданија во историјата на рок музиката, со проценети трошоци од над 13 милиони долари и продукција која се влечеше речиси 15 години. Тоа беше првиот албум на бендот со оригинален материјал по Use Your Illusion I & II (1991) и првиот на кој Аксел Роуз остана единствениот член од класичната постава.
Создавањето на Chinese Democracy беше проследено со бројни промени во составот, судски битки, напнати односи, технички експерименти и продукциски ремикси кои повторно и повторно започнуваа од почеток.
Во периодот од средината на 90-тите до крајот на 2000-тите низ студиото на GNR поминаа повеќе од десетина музичари, меѓу кои Buckethead, Robin Finck, Tommy Stinson, Josh Freese, Brain, Dizzy Reed, Chris Pitman, Bumblefoot и други.
Аксел Роуз работеше со неколку различни продуценти, од Youth и Sean Beavan, до легендарниот Roy Thomas Baker, за на крај да ја преземе продукцијата заедно со Caram Costanzo.
Chinese Democracy преставуваше драстично стилско отстапување од класичниот Guns N’ Roses звук. Наместо блус-хард рок, албумот меша: индустријал рок, електронски и индустријални текстури, ну-метал, оркестрации и хоротски секции, комплексни слоеви со повеќе гитари и електроника.
Иако контроверзен меѓу долгогодишните фанови, албумот доби главно позитивни критики, а списанието Rolling Stone го опиша како „амбициозен и бескомпромисен“.
Нумери како „Better”, „There Was a Time”, „Street of Dreams” и „Madagascar” се издвојуваат како најдобри на овој албум, а солото на Buckethead во „TWAT“ денес е сметано за едно од најдобрите во новиот милениум.
Албумот дебитираше на број 3 на Billboard 200 топ листата и подоцна доби платинест тираж. И покрај тоа што беше обвиен со години исмејување во поп-културата, денес Chinese Democracy има статус на култен албум, делумно поради мистеријата околу неговото создавање, а делумно заради уникатниот, неконвенционален пристап на Роуз.
ekran платформа за слободоумни