Јон Вардар против Галаксијата награден за најдобар анимиран филм во Романија


Првенецот на македонската анимација „Јон Вардар против Галаксијата” ја освои наградата за Најдобар долгометражен анимиран филм на 6. издание на Galactic Imaginarium Film Festival во Романија – иновативен фестивал кој ги спојува филмот, литературата и новите технологии во областа на фантастиката.

Ова признание е трето по ред за филмот, по наградите за најдобар долгометражен анимиран филм на Portoviejo International Film Festival во Еквадор и Ariano Film Festival во Италија. Со тоа филмот ја продолжува својата успешна фестивалска кариера и ја афирмира македонската продукција како значаен играч на меѓународната сцена на независна анимација.


„Наградата ја посветувам на сите членови на екипата кои неуморно работеа за да го претворат овој филм во реалност, и на сите оние кои помогнаа во ова историско остварување за македонската кинематографија” изјави режисерот Гоце Цветановски.

Филмот, кој ја спојува авантуристичката научна фантастика со хумор и сатирични елементи, веќе привлече внимание на триесетина фестивали низ Европа, Јужна Америка и Азија.


Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, директор на анимација е Димитар Ѓоргиев, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Дон Кихот забележан во Скопје

Нешто се случува во Скопје! Низ градот кружат приказни дека легендарниот витез Дон Кихот и неговиот …