Дарко Андонов – ДААН со „Крајот е спас“: музичка почит и продолжување на едно семејно наследство


 

Со песната „Крајот е спас“ македонскиот артист и музички продуцент Дарко Андонов – ДААН (https://www.instagram.com/daanmusicproduction/),  претставува длабоко личен музички проект, кој претставува преработка на композиција од групата „Три пати на ден“, бендот во кој творел неговиот покоен татко. Станува збор за поп-рок балада што носи силна емоционална тежина и симболично значење, како чин на почит и сеќавање.


„Оваа песна за мене не е само музика, туку разговор со минатото и начин да го зачувам она што татко ми го остави зад себе“, вели Андонов. „Сакав да ѝ дадам нов живот, но без да ја нарушам нејзината суштина.“

Во „Крајот е спас“ целосно се задржани оригиналната мелодија и текст, додека интервенцијата е направена исклучиво на аранжмански план. Современиот звук внимателно е изграден така што ја надополнува, а не ја заменува емоцијата на оригиналната верзија, создавајќи мост помеѓу минатото и сегашноста.


Песната зборува за загубата, прифаќањето и внатрешното помирување, но и за силата на музиката како средство за поврзување на генерациите. „Не чувствував потреба да менувам зборови или мелодија — тие веќе кажуваа сè. Моја задача беше само да ги облечам во звук што ѝ припаѓа и на денешницата“, додава тој и нагласува дека аранжманот е работен со Кире Јакимов кој што исто така беше задолжен и за Миксинг и мастеринг на финалното аудио.

Музичкото видео за „Крајот е спас“ е веќе објавено на YouTube и е реализирано со помош на вештачка интелигенција (AI). Во видеото се рекреирани сцени од легендарното студио на МРТ каде групата “Три пати на ден” го има снимено својот прв албум во 1991 година. Визуелниот приказ преку симболични и атмосферични сцени ја следи емоцијата на песната и ја засилува нејзината порака, без буквални наративи, оставајќи простор за лично доживување кај публиката.


 

Битно е да се напомене дека на неодамнешниот јубилеен МакФест 2025, Дарко исто така пееше песна од групата и тоа легендарната “Тања која ја изведе во ревијалниот дел заедно со Емил Канаваро и Александар Михаилов членови на оригиналниот состав на групата „Три пати на ден“.

Со овој проект, Дарко Андонов – ДААН не само што му оддава почит на својот татко Славе Андонов и неговото творештво, туку и покажува дека музиката може да биде живо наследство — нешто што продолжува да постои, да се развива и да зборува, дури и кога зборовите одамна стивнале.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Не е сè во изгледот – Овие квалитети на мажите се сметаат за неодоливи од жените

Мажите често се прашуваат што навистина ги привлекува жените, а одговорот на ова прашање е …