Бирги, село во Туркије со историја од над 5.000 години, станува зелена туристичка дестинација


Една од најстарите туристички населби во Туркије, селото Бирги, станува зелена дестинација. Во рамките на проектот SENTRUM (Центар за туристички практики засновани на одржлива енергија), чија цел е промоција на одржлив туризам и локален економски развој, Бирги поминува низ целосна зелена трансформација, а овој процес не само што ќе овозможи одржливост, туку и ќе ги истакне дополнително неговите автентични атрибути.

Сместено во провинцијата Измир, историското село Бирги привлекува домашни и странски туристи поради неговата близина до Ефес и до познати одморалишта, но најмногу поради неговата живописност и богата историја, долга повеќе од 5.000 години.


Бирги било дел од од кралството Пергамон и од Римската и Византиската империја, како и престолнина на кнежеството Ајдиногулари за време на периодот на анадолските кнежевства. Во 1426 година, Бирги потпаднал под османлиска власт и продолжил да биде административен и културен центар до 17 век. Секој од овие периоди оставил трага во селото, па денес во Бирги има бројни историски структури, вклучувајќи гробници, медреси, џамии, замоци, фонтани, бањи и библиотеки. Со повеќе од 200 регистрирани градби, Бирги претставува импресивен музеј на отворено. Меѓу најистакнатите се џамијата Улу, која еден од  највеличествените примери на граѓанска архитектура од 18-тиот век, потоа замокот Чакирага, гробот на Имам Биргиви, замокот Сандикоглу, џамијата Дервишага и гробницата Уму султан Шах.

Покрај тоа, Бирги плени и со своите класични селџучки и отомански куќи, улици покриени со калдрма, автентични кафулиња и дворови во сенките на стари чинари. Сето ова придонело Бирги да се најде на листата „Најдобри туристички села за 2022 година“ на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO).


Проектот SENTRUM се спроведува како соработка меѓу Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Министерството за туризам и култура на Туркије, Агенцијата за промоција и развој на туризмот во Туркије (TGA) и Enerjisa Enerji. Во рамки на проектот беше отворен Центар за имплементација, чија мисија е да ги координира активностите за трансформација на Бирги во одржлива туристичка дестинација, зачувувајќи го локалното наследство и зајакнувајќи го локалниот развој.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ВИДЕО) ЛИЧНО ИСКУСТВО – Австриска инфлуенсерка завршила во болница откако била дрогирана и ограбена: „Мислев дека ќе умрам!“

Австриската инфлуенсерка и ријалити ѕвезда Ванеса Марипоса била итно префрлена во болница откако, како што …