„Мало и моќно – Големото влијание на уметноста од мал формат“: Студентска изложба на ФЛУ Скопје во Сули ан


Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја најавува студентската изложба „Мало и моќно – Големото влијание на уметноста од мал формат“, која свечено ќе биде отворена на 22 декември 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во Галеријата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ во Сули ан.

Изложбата, која континуирано се реализира уште од 1990-те години, претставува значаен и долгогодишен проект на Факултетот за ликовни уметности, посветен на истражување на односот помеѓу форматот и идејата, дисциплината и слободата на уметничкиот израз. Таа се одвива во автентичниот амбиент на Сули ан, споменик на културата и простор во кој минатото и современоста се среќаваат и надополнуваат.


На изложбата се претставени дела од студенти од сите четири години на Катедрата по графика и трансмедиумски практики, како и од студенти од вториот циклус на студии на истата катедра на Факултетот за ликовни уметности. Преку класични и експериментални графички техники, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со различните уметнички пристапи, лични поетики и креативни истражувања на младите автори.

Малиот формат во оваа изложба не е ограничување, туку творечки предизвик во кој се концентрираат процесите на учење, експериментирање и индивидуално изразување. Секое дело претставува интимен исказ, а заедно тие создаваат густ визуелен пејзаж што сведочи за моќта на концентрираната уметничка мисла и за живиот и динамичен образовен процес на Факултетот за ликовни уметности.


Изложбата има за цел да ги афирмира изразните потенцијали на малиот формат во современата ликовна практика, покажувајќи дека токму во малото често се крие најголемото влијание. Таа ќе биде отворена за посетители секој работен ден од 8:00 до 17:00 часот, до 15 февруари 2026 година, и е од продажен карактер. Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) Врз основа на статистика – Кои карактеристики го претставуваат идеалот за убавина во 2025 година: Истражувањето тврди дека овие познати дами се блиску до него

За да истражат што ја карактеризира привлечноста во 2025 година, тимот на списанието Playerstime ги …