Синоќа, во легендарниот „Холидеј Ин“ – некогашниот „Гранд Хотел“, местото каде пред 33 години официјално е создаден Македонскиот олимписки комитет (МОК), се одржа свечената церемонија за 5. јубилејно издание на гала-манифестацијата „Златна Олимпија 2025“.
На местото каде што започна македонската олимписка приказна, во присуство на над 200 високи гости – спортисти, спортски работници, спортската елита, претставници на дипломатскиот кор и на меѓународни организации, како и партнери и соработници, МОК ги додели признанијата на хероините на македонскиот спорт – најуспешните спортистки, тренерки и спортски работнички кои ја одбележаа 2025 година.
Златна Олимпија 2025“ останува трајно запаметена како најексклузивното, најблескавото и најпрестижното гала издание до сега — на култното место каде што не само што се слави врвниот спорт, туку и каде што спортот ја напиша својата прва, историска и златна страница во независна Македонија.
Најпрестижното признание, „Најуспешна спортистка за 2025 година“, ѝ припадна на таеквондистката Милијана Релиќ. Таа оствари извонреден успех со освојување на сребрен медал на Г-1 турнирот во Криштианштад, Шведска, заработувајќи клучни 7.20 поени за олимписката ранг-листа за Лос Анџелес 2028, а својот квалитет го потврди и со медал на турнирот во Инсбрук.
Во категоријата „Најдобар женски национален тим“, наградата ја доби Фудбалската репрезентација до 17 години. Овие млади девојки испишаа историја освојувајќи го првото место во квалификациската Б лига, со што обезбедија промоција во елитната А лига за Европското првенство. За овој подвиг, признанието за „Најуспешна тренерка“ заслужено ѝ припадна на нивната селекторка, Катерина Милеска, чија стратегија беше клучна за овој резултат.

Наградата за „Животно дело“ годинава отиде кај вистинска легенда – Стојна Вангеловска, поранешна врвна кошаркарка и првата Македонка носител на олимписки медал, чие име е трајно врежано во темелите на нашиот спорт.
Иднината на македонскиот спорт е светла, што го потврди наградата за „Најнадежна млада спортистка“ доделена на Мери Бошковска. Таа беше клучна фигура во историскиот пласман на ОК „Јанта Волеј Кисела Вода“ во третата рунда од ЦЕВ Лигата на шампионите, каде беше прогласена за МВП на натпреварите против Гацко.
На свеченоста беа доделени и следните признанија:
- Спортски подвиг: Катерина Шиповиќ, за неверојатната издржливост и освоеното прво место на ултра-трката во Серес, истрчувајќи 202 километри за 24 часа.
- Најуспешна судијка: Ема Никочевиќ, првата ФИБА судијка од Македонија, која ја извојува најважната победа – враќање на терените по тешка здравствена битка.
- Најуспешна спортска работничка: Гордана Николовска Кузмановска, за беспрекорната организација на ЕМОФ и Скопскиот маратон.
- Најуспешна спортска медиумска работничка: Фоторепортерката Маја Јаневска-Илиева, која неуморно ги документира спортските успеси.
- Најуспешна спортистка со попреченост: Фатмире Бајрамоска, освојувачка на сребро во крос-кантри скијање на Зимските Специјални Олимписки игри во Торино.
За промоција на родовата еднаквост, награди добија Ракометната федерација на Македонија, како и Цветанка Макаровски и Ирена Митровска за нивниот придонес во женското лидерство.
МОК додели и специјални плакети за исклучителна поддршка и соработка во развојот на олимпизмот на своите партнери: Димитар Костадинов (Горска), Хари Костов (Комерцијална Банка), Сашо Пешев (New Moment) и Сашо Димитријоски (Телеком).
Нека овие признанија бидат поттик за уште поголеми успеси и доказ дека македонскиот женски спорт има не само славно минато, туку и блескава иднина.
ekran платформа за слободоумни