Нашата музичарка, авторка и писателка Хана Корнети вчера го претстави својот најнов сингл „Еден ден“, објавен под етикетата на издавачката куќа Шарла Рекордс. Песната веднаш го привлече вниманието на слушателите со својот уникатен звук и длабока поетска порака. Нумерата е достапна за преземање на Bandcamp и претставува вистинско уживање за сите љубители на алтернативната и концептуалната музика.
„Еден ден“ е уште едно авторско дело на Корнети, која стои зад композицијата, текстот, вокалите, како и дел од инструменталната изведба. Во создавањето на песната учествуваа:
Композиција, текст, вокал: Хана Корнети
Аранжман: Ивица Јанкуловски и Хана Корнети
Пратечки вокали: Хана Корнети и Ѓорѓе Јовановиќ
Дизајн на звук и обработка: Ивица Јанкуловски – студио Алшар
Инструменти: Укулеле и пијано – Хана Корнети; хармоника – Ивица Јанкуловски
Песната изобилува со мек, органски звук кој го спојува топлиот звук на укулелето со меланхолични хармонични елементи. Текстот е длабоко симболичен, со мотиви инспирирани од природата, времето и крeвкоста на постоењето, создавајќи впечатлива атмосфера што лесно допира.
Омотот на синглот е дело на Давид Ангелевски, чии визуелни мотиви одлично ја одразуваат поетската тежина на темата. На идејно ниво, проектот е развиен во соработка со Хана Корнети, Ѓорѓи Митревски и Ѓорѓе Јовановиќ.
Песната е дел од видео-материјалот создаден за изложбата „Rijeke, tragovi i sprege”, организирана од United for Rivers, каде што „Еден ден“ служи како уметнички придружник на еколошко-наративната тема на проектот.
Авторката упатува посебна благодарност до Ѓорѓи Митревски, кој овозможил проектот да се реализира во оваа форма, како и до United for Rivers за поддршката.
„Еден ден“ пристигнува по албумот „Goli pesni“ (2023), со кој Корнети го привлече вниманието на алтернативната музичка сцена. Новиот сингл ја зацврстува нејзината позиција како автор со јасен уметнички идентитет, кој без страв навлегува во сложени теми.
ekran платформа за слободоумни