Петтото издание на „Денови на литературата“ започна на 7 февруари и ќе трае до 23 февруари во сите книжарници на „Литература.мк“. Во рамките на продажната акција ќе бидат понудени попусти на книги до 70 %, грепки со подароци, книжевни промоции, интерактивна програма за деца и за фанови инспирирана од Хари Потер, Покемон и Исидора Мун, како и дружби со Биби и Боби и Стела и Сани.
Во продажната акција ќе има попусти на најбараните книги за возрасни и за деца од 18 македонски издавачки куќи: „Арс Ламина“, „Академска книга“, „Антолог“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Ид-концепт“, „Или-или“, „Мартина“, „Муза“, „Нампрес“, „Полица“, „Прозарт“, „Сакам книги“, „Сказнувалка“, „Слово“, „Светот на Биби“, „Три“ и „Чудна шума“.
Попусти до 70 % на популарни наслови од нефикција, фикција и книги за деца ќе понуди „Арс Ламина“. За сите фанови на книгите на Зоран Спасов Ѕоф ќе има специјална понуда – комплет од петте негови книги: „И јас сум Сирма“, „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“ и „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“ за вкупно 990 денари. На дел од книгите од „Или-или“ ќе има 50 % попуст. Преостанатите издавачи ќе понудат попусти на книгите од 20 отсто.
Продажната акција „Денови на литературата“ ќе се одвива во сите книжарници на „Литература.мк“, во: „Дајмонд мол“, „Скопје сити мол“, „Ист гејт мол“, ТЦ „Буњаковец“, на ул. „Македонија“ во Скопје, во Битола (на „Широк сокак“) и во Струмица.
„Литература.мк“ подготви и изненадувања за своите посетители – со купени книги во книжарниците во вредност од минимум 1500 денари следува грепка со подарок.
Меѓу подароците се: комплети со книги од Петре М. Андреевски, Милан Кундера, Оливера Николова, Орхан Памук, Д-р Неле Карајлиќ, Блаже Конески, Барак Обама и Мишел Обама, серијалите Хари Потер и „Темната граѓа“, „Прва училишна енциклопедија“, „Мојата прва библиотека“, „Мали умни глави“, детски класици на англиски јазик, како и блузони, зимски капи и друго. Секоја грепка е добитна!
Програмата со настани започна со промоција на книгите „И“ од Кристина Краличин и „73 денa“ од Иво Митев, на 7 февруари (петок). Книгите кои влегоа во потесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2024 година, се во издание на „Арс Ламина“, а ќе ги промовира уредничката Оливера Ќорвезироска.
Вчера, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, децата другаруваат со Стела и Сани, а денес, во „Литература.мк“ во „Сити мол“, во 12 часот ќе се одржи работилница за деца со Биби и Боби. Во истиот термин, во „Литература.мк“ во „Ист гејт“ ќе се одржи настан за деца и родители – натпревар во местење сложувалки и коцките „Плус плус“. В понеделник (10 февруари), во 18 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ е закажана музичко-сценската пиеса за деца – „Златната книга на Лудви“ во продукција на „Музичка кутија“.
Сите настани во рамките на „Денови на литературата“ се бесплатни за сите посетители.