Bow with sheet music on piano keys top. Concept of interpretation of piano music and string instruments. Front view. Horizontal composition.

„Заедно“ – концерт на македонската филхармонија со маестро Конрад Ван Алфен и солистите Софи Хајнрих, Mихе Рио и Марија Вршкова

Во четврток, на 8 февруари 2024 година во големата сала на Македонската Филхармонија, со почеток во 20:00 часот, ќе може да го проследите концертот со наслов „Заедно“.

Диригент:
Конрад Ван Алфен (Холандија)
Солисти:
Софи Хајнрих – виолина (Австрија)
Mихе Рио – виолончело (Кореа)
Марија Вршкова – пијано


Програма:
Л.В.Бетовен: Концерт за виолина, виолончело и пијано во Це-дур, оп.56
Х. Берлиоз: „Фантастична симфонија“, оп. 14

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот нацинален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.


Од својата четиригодишна возраст, откако почнала да изучува виолина, германската виолинистка Софи Хајнрих е постојано на сцената како солист. Значајни педагози во нејзината кариера се проф. Антје Вајтхас, како и проф. Томас Брандис, кај кого ги завршила постдипломските студии на Универзитетот за музика во Либек и каде што била негов асистент. Дополнителна инспирација за неа биле и имиња како Гидон Кремер, Мидори, Рајнхард Гебел, Изабел ван Кеулен, Квартетот „Артемис“… Добитничка е на награди на повеќе меѓународни натпревари. Во 2008 година, на пример, ја освоила музичката награда „Possehl“ на Ханзиниот град Либек, додека во 2009 го привлекла вниманието како најдобра Германка меѓу последните шест виолинисти во полуфиналето на натпреварот АРД во салата „Херкулес“ во Минхен. Исто така, добитничка е и на важни стипендии, а била и член на Здружението „Live Music Now“ на Јехуди Мењухин. Од 2012 до 2019, Хајнрих била концертмајстор во „Комише Опера Берлин“, а е редовен гостин концертмајстор во оркестри како Баварскиот радио-симфониски оркестар и Баварската државна опера. Од 2019 година е концертмајстор на Виенскиот симфониски оркестар. Настапува активно како солист и камерен музичар и постојано гостува на фестивали низ својата земја, но и во странство. Нејзините многубројни снимки за престижни издавачки и ТВ куќи, ја документираат нејзината врвна професионалнност. Софи Хајнрих е професорка по виолина на Ландес конзерваториумот во Фелдкирх во Австрија и редовно одржува курсеви за камерна музика и за оркестар. Особено е значајна нејзината улога во охрабрувањето на младите жени коишто се или претендираат да бидат на лидерски позиции, за да се стекнат со повеќе храброст и самодоверба. Па така, во 2002 во Финска беше дел од проектот „Води!“ кој се бави со развивање на следните генерации лидери во класиката, како менторка на покана од светски познатиот диригент Јука-Пека Сарасте. Во 2021 година таа го основа ансамблот „Танго 5“: експериментален ансамбл со голема страст за „танго нуево“ на Астор Пјацола. Софи Хајнрих свири на виолина од Антонио Страдивари, од Кремона од 1698 година, од колекцијата на Австриската народна банка.

Марија Вршкова е родена во Битола каде го завршува основото и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена на ниво на универзитет – “CUM LAUDA” во класата на проф.Т.Светиев каде ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието добитник е на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија ,а најзначајна меѓународна наградата е Трета награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим – Италија. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствен претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти. Вршкова има посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги најновите пијанистички техники. Реализирала преку 50 светски премиерни изведби на солистички и камерни дела, не само од македонски, туку и од странски автори. Покрај неколкуте снимени цд-а со истакнатите Македонски умерници,Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби, Страшо Темков, во 2010-та година, таа го снима и своето прво солистичко цд, Македонска музика за пијано. Како солист и и камерен музичар настапувала во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија,Америка, Бугарија, Србија, Австрија, Англија,Грција… Вршкова е дел од уметниците кои редовно настапуваат на реномираните фестивали во Македонија како , Охридско Лето, ДММ, Златна лира, Есенски музички свечености… Како врв на уметничката дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири,на интернационалниот натпревар Охридски бисер, 2009-та година, како и трите награди Виртуози, за музички изведувач, 2013-та година, Камерен состав 2015-та година и Камерен состав 2016-та година. Марија Вршкова во моментот работи како вонреден професор при ФМУ Скопје .


Критиката е постојано на страната на кореанската виолончелистка Михе Рио, оценувајќи ги нејзините изведби како врвни. Се издвојува нејзиниот настап со „вечната кралица“ меѓу сите пијанисти Марта Аргериќ во „Тонхале“ во Цирих и со виртуозот на виолина Шломо Минц во „Лист“ во Будимпешта. Првиот час по виолончело Михе Рио го имала на шестгодишна возраст, кога почнала и да победува на сите државни натпревари, поттикнувајќи ја нејзината амбиција да студира во странство за да ги развие своите музички способности во најдоброто музичко училиште. Се запишала во „Џулијард“ на шеснаесет години, а студиите ги завршила на Универзитетот во Мичиген. Таа е една од најбараните виолончелистки, настапувајќи со бројни оркестри, како што се Симфонискиот оркестар Берлин, Симфонискиот оркестар Нирнберг, Симфонискиот оркестар на Радио Прага, Израелската симфонија, Филхармонијата на Хонгконг, на Малта, на Сеул, Корејскиот симфониски оркестар и други оркестри во Азија…, свирејќи во некои од најпознатите концертни сали како „Музиквереин“, „Верди“, „Херкулес“, „Карнеги Хол“, Берлинската филхармонија… Во 2013 година, Михе го издаде својот албум за „Дојче Грамофон“, со Концертите за виолончело на Сен-Санс и Елгар. Учествува и на значајни меѓународни натпревари како член на жири. Во моментов живее во Виена и активно изведува преку 30 концерти годишно како концертна виолончелистка, што и ја донесе и титулата уметнички директор на ИМК (Асоцијацијата за Интернационална музика и културна промоција).

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

МИНЕРАЛ на кој не смееме да заборавиме во сезоната на настинки: Важен за функцијата на имунолошкиот систем

Дали внесувате доволно цинк? Сезоната на настинки и грип е во тек, а еден од …