Втората сезона на фестивалот на современа музика „Денови на македонска музика“ започнува со Концерт на ПИЈАНО ДУО – Јасмина Трајческа и Ловорка Немеш Дулар

Во рамките на втората сезона на фестивалот на современа музика „Денови на македонска музика“, кој со есенското издание ја продолжува традицијата што успешно се воспоставува во последните години, го најавува концертот на ПИЈАНО ДУО во состав: Јасмина Трајческа (Македонија) и Ловорка Немеш Дулар (Словенија). Концертот ќе се одржи вечерва, 17 септември 2024 година во Пијано центарот во Скопје со почеток во 20:00 часот.

На концертот ќе бидат изведени дела за две пијана од реномираните македонски композитори Томислав Зографски (1934–2000) и Стојче Тошевски (1944–2008), со што ќе бидат одбележани два значајни јубилеја: 90 години од раѓањето на Зографски и 80 години од раѓањето на Тошевски. Покрај македонските творби, програмата вклучува и дело на словенечкиот композитор Јанез Матичич (1926–2022).


Овој концерт претставува можност да се доживеат значајни дела од македонската и словенечката музичка традиција, виртуозно изведени од реномираните пијанистки Трајческа и Немеш Дулар. Концертот ќе го слави богатото музичко творештво на двете земји преку длабоки и впечатливи изведби, кои ќе понудат свеж поглед на делата на истакнатите композитори Зографски, Тошевски и Матичич.

Јасмина Трајческа ги завршила додипломските и постдипломските студии на ФМУ Скопје, под менторство на проф. Валери Стефановски. Учествувала на мастеркласови кај познати професори како М. Келер, К. Богино и В. Огарков. Добитничка е на бројни награди на меѓународни натпревари, меѓу кои: „Internatonal Piano Competition Giovani Talenti Rovere D’Oro“ (Италија), „Dino Ciani“ (Италија) и „Internatonal Competition Interfest“ (Македонија). Трајческа има повеќе од две децении активна концертна кариера, настапувајќи на рецитали и фестивали во Словенија, Бугарија, Италија, Франција и други земји. Била гостин на фестивали како „Eurochestries“ во Франција, „Makarska Summer“ во Хрватска, и „Imago Sloveniae“ во Љубљана. Настапувала и на јубилејни концерти во Македонија, меѓу кои „Балканска рапсодија“ и „Словенски воз“. Трајческа работи како професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.


Ловорка Немеш Дулар е музичарка со широк дијапазон, посветена како на солистичкото, така и на камерното музицирање, педагошката работа и музиколошката активност. Студирала кај истакнати професори, како Дубравка Томшич Среботњак, Арбо Валдма, Константин Богин и Марина Хорак. Дополнително го усовршила своето знаење кај Леонид Брумберг, Џејкоб Латејнер и други познати имиња. Завршила и студии по музикологија во Љубљана, каде ја продлабочила својата посветеност на современата музика. Особено ја привлекуваат ретко изведувани и нови музички дела, а нејзината аналитичност и љубопитност ѝ овозможуваат да ја истражува музиката од различни аспекти. Настапувала на бројни фестивали во Словенија и низ Европа, како „Фестивал Љубљана“, „Imago Sloveniae“, „Сараевска зима“ и „Есенски музички свечености“ во Скопје, како и во Естонија, Финска и Италија.

Програма:


Томислав Зографски
СОНАТА за две пијана (1990)
Јанез Матичиќ
СОНАТА бр.4 оп.65 „Chorals“ (2006)
Стојче Тошевски
СОНАТА за две пијана (1965)

Влезот на концертот на Пијано дуото на „Деновите на македонска музика“ е слободен.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Проекција на филмот „Македонски дел од пеколот“ вечерва во КИЦ

Вечерва во Културно информативниот центар во Скопје, со почеток во 20:00 часот, ќе биде прикажан …