Во Охрид 62. „Балкански фестивал за народни песни и игри“


Со целовечерен концерт на Националниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“ закажан за 5 јули од 20 часот на сцената „Долни Сарај“ ќе биде отворено 62.

издание на „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“.


На свеченото отворање на фестивалот обраќање ќе имаат директорот на Центарот зa култура, Горан Симоноски, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, како и потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски.

Како и секое фестивалско издание, традиционално пред почетокот на концертот учесниците на меѓународната фолклорна манифестација ќе продефилираат низ охридската чаршија.


Според годинешната фестивалска програма, за време на петте фестивалски денови на прекрасната сцена под отворено „Долни Сарај“ ќе настапат повеќе фолклорни анасамби и културно-уметнички друштва од земјата, но и од Словенија, Полска и САД.

Во рамките на фестивалот утревечер во 20 часот во Центарот за култура „Григор Прлиќчев“ ќе биде отворена и изложба на фотографии на традиционални носии „Од Љубанишча до Дебор” на авторот Љупчо Милошевски.


„Балканскиот фестивал на народни песни и игри“ е меѓународна фолкорна манифестација, основана 1962 година.

Првично фестивалот беше насловен „Охридски фестивал на аматерските ансамбли на народни песни и ора“, а првото фестивалско издание се одржа на 20 јули 1962 година на Градскиот плоштад.

Од 1967 година Фестивалот добива концепција на него да учествуваат вокално-инструментални состави и солисти, кои ќе го презентираат автентичното народно творештво и традиционалната култура низ ората, игрите, песните, обредите, обичаите, народните носии, инструментите што се употребуваат во музиката, како и ракотворбите.

Три децении „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“ е член на двете асоцијации во рамките на УНЕСКО – Интернационалниот совет на организациите за фолкорни фестивали и фолкорна уметност и Меѓународната организација за фолкорна уметност.

Најстарата фолклорна манифестација на Балканот се одржува во организација на Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид, а. под покровителство на Собранието на Република Северна Македонија.

аб/сст/фото/МИА  .

Извор: МИА

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Врачени наградите на 59. МТФ Војдан Чернодрински

Примајќи ја наградата за најдобра режија, Ќендрим Ријани истакна дека фестивалот во секоја наредна година …