Во издание на „Македоника литера“ ОБЈАВЕНА КНИГАТА „ЖИВОТОТ НА ЛИТЕРАТУРНАТА КЛАСИКА“ ОД ПЛАМЕН ТОТЕВ

„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Животот на литературната класика“ од бугарски книжевен истражувач, критичар и издавач Пламен Тотев.

Кои се главните карактеристики на класичните епохи и книжевните трендови од антиката до денес? Кои се иконите автори и дела што се задолжителни за секој читател? Кои се доминантните теми и прашања? Одговорите на овие прашања се бараат во книгата на Пламен Тотев.


Книгата фрла светлина врз историскиот развој на античката и европската литература, давајќи упатства – кој е кој и каде е во книжевно-историскиот процес, кои се моделите во развојот на големата светска литература, кои се закономерностите во развојот на големите светски литератури низ вековите, кои се најважните особености на класичните епохи и правци од древноста до денес.


Освен информациите за главните литературни епохи и правци од антиката и ренесансата до модернизмот, книгата вклучува и анализи на класични дела како што се „Илијада“ на Хомер, „Цар Едип“ на Софокле, „Подвизите на Александар“ на Калистен (Псевдо-Калистен), „Робинсон Крусо“ на Д. Дефо, „Грофот Монте Кристо“ на А. Дима, „Чичко Горио“ и „Изгубени илузии“ на О. де Балзак,  „Црвено и црно“ на Стендал, „Ругон-Макарови“ од Е. Зола, „Бел Ами“ на Ги де Мопасан, „Големите надежи“ на Дикенс, „Панаѓур на суетата“ на В. М. Текери, „Злосторство и казна“ на Достоевски…

Напишана разбирливо и читливо, книгата придонесува за популаризација на врвната светска литературна класица кај широк круг читатели.


Преводот на книгата е на Предраг Димитровски.

Пламен Тотев (1964) дипломирал бугарска филологија на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Специјализирал историска поетика на бугарската литература. Објавил стотици литературно-критички и книжевно-историски написи, рецензии на книги, статии за проблемите на литературата, издаваштвото и културата. Автор е на три книги од областа на историјата на книжевноста, на дваесетина учебници и учебни помагала по бугарски јазик и литература, составувач е на антологии со светска и бугарска класична поезија.. Добитник е на наградите „Бојан Пенев“ за книжевна критика и на весникот „АБВ“.

Живее во Софија и работи со издаваштво. Во 2004 година ја основа својата издавачка куќа„Персеј“, која стана еден од најактивните и најреспектабилните издавачи во Бугарија. Во 2015 година ја формираше втората своја издавачка куќа „Издиа“, која исто така работи успешно. Двете издавачки куќи издаваат одбрана класична и современа литература, а во нивните издавачки продукции посебно место зазема и современата македонска литература. Двете издавачки куќи станаа главните што објавуваат, промо­вираат и наметнуваат македонски писатели во Бугарија. Објавиле дела од автори од различни генерации, како Луан Старова, Оливера Николова, Владимир Плавевски, Јагода Михај­ловска-Георгиева, Киро Донев, Паскал Гилевски, Драги Михајловски, Томислав Османли, Душко Родев, Влада Уроше­виќ, Венко Андоновски, Блаже Миневски, Ермис Лафазанов­ски, Димитар Башевски, Сашко Насев, Оливера Ќорвезироска, Горјан Петревски, Александар Прокопиев, Митко Маџунков, Винка Саздова, Фросина Пармаковска, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Михајло Свидерски, Живко Грозданоски, Ненад Јолдески, Натали Спасова, Игор Станојоски, Владо Димовски, Вера Калин, Стефан Марковски, Ѓорѓи Крстевски, Ксенија Николова… Поточно, досега се објавени близу 50 книги од 34 македонски авто­ри. Речиси сите овие писатели ја посетија Бугарија за промо­ци­ја на своите книги, со многу настапи во медиумите и со средби со читатели. Во неговиот роден град Ловеч, во 2021 годи­на, се одржаа Деновите на македонската литература.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Второ издание на конференцијата за активно граѓанство „КритикУМ“

На 24-ти и 25ти јануари во Скопје, Здружението за едукативен развој Еквалис ја организира втората …