„Со втората сезона одиме уште подалеку, обработувајќи теми како семејното насилство, зависноста од коцкање и онаа можеби најболна тема за македонското општество – иселувањето на младите. Дејствието и овој пат е инспирирано од вистинити приказни од животот на граѓаните“
Долгоочекуваната втора сезона од популарната македонска серија „Фамилијата Марковски“ ќе почне со премиерно прикажување оваа сабота (09.11.2019) во 19.20 часот на телевизијата „Канал 5“.
Серијата минатата сезона ги освои симпатиите на публиката прикажувајќи го секојдневието на членовите на фамилијата Марковски и предизвиците што ги носи живеењето во едно дисфункционално општество.
Лиле (Силвија Стојановска), Иван (Александар Миќиќ), Јана (Тамара Ристоска), Виктор (Владимир Петровиќ) и Бојан (Петар Петковски) од оваа сабота ќе продолжат преку своите лични приказни да ни го илустрираат македонското секојдневие допирајќи многу теми кои често завршуваат на маргините. Здравствениот хаос, партиските вработувања и непотизмот беа само дел од темите кои беа обработени во претходната сезона.
„Со првата сезона се обидовме да допреме теми кои тогаш, но за жал и денес се сѐ уште актуелни. Публиката го препозна импулсот на серијата и ни дозволи да ја раскажеме приказната онака како што ја замисливме. Со втората сезона одиме уште подалеку, обработувајќи теми како семејното насилство, зависноста од коцкање и онаа можеби најболна тема за македонското општество – иселувањето на младите. Дејствието и овој пат е инспирирано од вистинити приказни од животот на граѓаните“, велат од „Арт Проект Лаб“.
https://www.facebook.com/Kanal5Televizija/videos/448752692692613/
„Фамилијата Марковски“ премиерно секоја сабота во 19:20 на Канал 5. Реприза во недела во 17 часот.