Интервју со најпопуларниот јутјуберски пар во Македонија, Кике Цветче и Иван Ајнштајн, кои зборуваат за нивната љубовна приказна, како Кике ослабела 40. кила, за Иван кој на 15. јуни промовира албум…
Кике Цветче и Иван Ајнштајн познати на македонската публика како јутјубери, заедно имаат преку 100 илјади следбеници на социјалните мрежи. Но, малкумина знаат дека се во брак повеќе од две години. Иван се презива Бошковски, а Кристина го задржа своето презиме и остана Цветкоска.
„Решив да го задржам моето презиме, оти ако го сменев, веќе немаше да бидам вистински ‘Цветче’, затоа што прекарот ми е од презимето”, вели Кике.
Таа не била типична невеста. На регистрацијата носела патики, а Иван бил облечен во дуксер. Немале ни бурми. Откако се венчале, си нацртале прстени со маркер.
„Нашите фамилии не беа на венчавката и уште имаат надеж дека еден ден ќе има некаква свадба. Требаше да имаме прослава во летото 2020, но се случи пандемијата. Ама и ако правиме свадба, штикли нема да носам, тоа е измачување за моите нозе”, раскажува Кике за „Репортер”.
Заедно се веќе осум години. Се запознале на факултетски протест. Муабетот им тргнал од прва и веднаш почувствувале блискост и голема поврзаност. Велат, и денес се најдобри другари кои можат да разговараат за сè и си помагаат во сè што прават. Па, кога пред една година Кике решила дека треба да ослабе, Иван ѝ бил најголемата поддршка. Сега таа има 40 килограми помалку и е среќна оти изгледа помладо и повитално.
Иван, пак, вели дека Кике му го дава најголемиот поттик да се занимава со музика. Тој неодамна го заврши својот прв албум и ќе го промовира на 15 јуни.
„Знаеш, јас пред да бидам јутјубер бев музичар. На девет години почнав да рапувам и го напишав првиот текст. Таа визија дека ќе станам познат јутјубер во Македонија сум ја немал никогаш. Само го правев тоа што ми е интересно и го објавував на Јутјуб”, ни кажа Иван.
Од каде им се прекарите Ајнштајн и Цветче, љубовната приказна на најпознатиот јутјуберски пар, кој пее, а кој слабее, ќе прават ли свадба, за животот на социјалните мрежи… гледајте го интервјуто.
Фото: Принтскрин/YouTube/reporter.mk