Реката Хан, која минува низ главниот град на Јужна Кореја, Сеул, замрзнала по прв пат во последните две години, откако силниот студен бран ја погодил земјата во последните неколку дена.
Јужнокорејската метеоролошка управа (КМА) денеска го објави првото сезонско формирање на мраз на реката Хан, бидејќи најниските утрински температури паднале на минус 16,6 степени Целзиусови, пренесува агенцијата „Јонхап“.
Замрзнувањето на реката Хан се случи четири дена порано од 30-годишниот просек, а тоа беше забележано за прв пат по две години, бидејќи лани на реката не се формираше мраз поради топлата зима, објави КМА.
Сеул и многу други централни области во земјата се погодени од метеоролошко предупредување од средата поради многу студен бран, бидејќи најниските дневни температури паднале на минус 20 степени Целзиусови.
Ниту јужниот регион на земјата не бил изземен од почетокот на оваа студена струја, која се прошири од Сибир на југ, па така во градот Бусан, каде најниската дневна температура падна под минус 10 степени Целзиусови, мразот се формирал на реката Нактдонг, за прв пат по три години, соопшти КМА.
Студениот бран, кој се прошири низ целата земја во последните денови и им нанесе огромна штета на луѓето во Јужна Кореја, се очекува да продолжи до следниот вторник или среда.
Фото: Принтскрин