Вчера се одржа втората проба за концертот „Летај галебе“ во чест на маестро Кире Костов…Беше многу емотивно да се видат повеќе генерации од македонските изведувачи кои дојдоа да ги испеат своите песни со оркестарот…
Возбуденоста беше присутна и меѓу членовите на оркестарот но и изведувачите. Како ќе биде, дали ќе бидам добар, ќе испеам ли како што треба….беа прашањата кои лебдеа во воздухот а одговорот беше еден – ќе видиме кога ќе застанеме зад микрофонот. Емотивните средби меѓу изведувачите поврзани со чувството на одговорност како да бидат што подобри за да достојно ги претстават песните на омилениот композитор лебдеше во воздухот.

И потоа започна…Прв беше Драган Мијалковски кој многу професионално но и емотивно, а на моменти и со насмевки ги изведе своите нумери…Тука беше и Сефедин Бајрамов кај кого беше присутна онаа мала трема пред настап што пак ни потврди колку е важно да се биде дел од овој проект и при тоа да се даде најдоброто…

Потоа се редеа и млади сили како Елена Васова и Ана Петаковска, па оние од средната генерација Биба Додева, Андријана Јаневска, Бојана Скендеровски, Ѓоко Таневски, Александар Тарабунов, Влатко Лозановски, Лидија Кочовска, Ламбе Алабакоски, Мустафа Имери…Како гости ќе настапат и Љупчо Мирковски и Бобан Мирковски.
Водители ќе бидат Живкица Каленикова и Огнен Јанески.

Сите максимално се вложија да се „ускладат“ со оркестарот, да ја доловат мелодијата што ја изведуваат како што е замислено…
Концертот „Летај галебе“, вечерва, во чест и сеќавање на маестрото Кире Костов кој остави длабока трага во македонската музика, а на идеја на неговата сопруга Кармен, ќе биде настан за кој ќе се зборува. Среќниците кои успеаа да дојдат до билет ќе го раскажуваат, а оние покрај малите екрани по емитувањето на МРТ ќе бараат реприза. Бидејќи, кога на едно место ќе видите толку многу изведувачи како ги изведуваат песните кои одбележаа една епоха – онаа на Кире Костов – ќе си кажете И НИЕ ИМАМЕ МУЗИКА И ПЕЈАЧИ“.

А, токму таа музика ќе биде изведена вечерва во Националната опера и балет, вистинското место каде што Кире Костов остави длабока трага, ако не ги сметаме неговите брилијантни композиции на „Макфест“ како „Кога те нема“ со која победи на првиот фестивал а која за оваа пригода ќе ја изведе гостинката од Јапонија Sugiya Makonam, па преку „Скопје“, „Интерфест“…
– Ова е важен концерт за нашето семејство, бидејќи на овој начин овозможуваме да продолжи да живее делото на нашиот Кире. Кире беше човек кој живееше за музиката и за луѓето околу себе. Секој што ќе застане на сцената ќе донесе дел од неговата енергија и добрина. Им благодарам на сите уметници и соработници за нивната посветеност и ангажман – вели Кармен Костова, академски музичар и пијано педагог, сопруга на маестро Костов која со многу возбуда ги следеше пробите.
Г.Оџакова
ekran платформа за слободоумни