(ВИДЕО) Отворено со Sound Impulse:„Горди сме и посебна чест ќе ни биде настапот на Дојран Рок фест 2022!“

Кога од млади музичари ќе слушнете дека две години работеле на албумот, дека се’ преживувале и ставиле на петте линии не можете да бидете рамнодушни…Токму такви се „Sound Impulse“, бенд кој својот албум премиерно, во живо, ќе го промовира токму на „Дојран Рок фест 2022“ за кој велат дека е токму тоа што и треба на македонската музичка сцена…

– Од објавите на вашата страна на Фејсбук може да се заклучи дека сте горди што ќе настапувате на „Дојран рок фест 2022“?


Искрено, првиот настап од промоцијата на албумот го планиравме на фестивал со ваков размер и енергија, па не сме само горди туку и посебна чест ќе ни биде настапот на Дојран Рок фест 2022.
Возбудени сме и едвај чекаме да го исполниме етерот на фестивалот со нашата музика.


– Пред десетина дена го издадовте албумот ‘All Gone’. Ме фасцинира вашиот коментар – „Нешто над половина час љубов искажана во петтолиние“. Што мислите под тоа?

Времетраењето на албумот е нешто над половина час а музиката (која се пишува во петтолиние) е наш начин на емоционално изразување. Преку неа на слушателите сакаме да им дадеме безусловна љубов.


– Албумот го создававте во тешки времиња – корона, вирус, но сепак, успеавте. Беше ли тешко да се твори во тие услови или едноставно музиката „излезе од вас“?

Да – и на двете прашања Беше навистина тешко (посебно дека е деби албум) и беше потребно многу работа и труд. Знаевме што не чека и бевме убедени дека ќе успееме затоа што едноставно музиката излегуваше од нас. Без разлика колку е тешко на крај се поминува, тоа е симболиката на насловот на албумот.

– На албумот има песни на македонски и англиски јазик, малку хард звук но и нежни балади – чинам дека сте твореле како што сте се чувствувале?

Токму така. Во текот на две години колку што го работевме албумот не туркавме теми и идеи на сила. Спонтано доаѓаа низ секојдневните збиднувања. Животот носи убави и лоши моменти. Од пролет со розе наочари до лични трагедии (загуба на родител).
Таков е примерот со ‘Сподели Насмевка’ и ‘Легенда’ (песни од албумот).

– Што можете да кажете за себе како личност и музичар – каде се гледате на македонската сцена?

Ќе цитирам една изрека: ‘Ако успееш со твојата работа да мотивираш бар една личност тогаш си успеал’
Бројките и статистиките не ни се мерило. Сакаме на луѓето да им подариме музика (тоа што најдобро го работиме) па до кај стигне-стигне. Би биле супер среќни ако полниме сали и исто толку среќни ако свириме пред мала група луѓе ако навистина ги допира нашата музика.

– Неодминливо е да се праша за „Дојран рок фест“ – проект кој им дава шанса на сите да ја претстават својата музика. Бевте ли изненадени од поканата?

This image has an empty alt attribute; its file name is saund-impuls-1.png

Искрено ДА. Бевме изненадени дека во МК некој следи што квалитетно се работи надвор од комерцијалните музички клишеа.
‘Дојран Рок Фест’ е пример за потребите на македонската музичка индустрија. Линкот кој ја поврзува понудата и побарувачката. Неопходно за да се даде шанса на македонската музика.
Се надеваме дека фестивалот ќе продолжи да расте и ќе остане традиција.

Г.О.
Фото: Принтскрин/YouTube

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) ТЕЈЛОР СВИФТ Е ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈБОГАТА МУЗИЧАРКА НА СВЕТОТ: Ја престигна Ријана и стана милијардерка по минатогодишната турнеја

Тејлор Свифт, според „Форбс“, се разликува од другите милијардери затоа што своето богатство не го …