Актерот и продуцент Морган Фримен откриЛ која улога му била најважна во кариерата.
Фримен, кој е едно од најпрепознатливите лица во Холивуд, никогаш не одбегнуваше да глуми во различни жанрови. Но, неговата глума особено се издвојува преку улогите во филмовите „Seven”, „The Shawshank Redemption”, „Olympus Has Fallen”, „Along Came a Spider”, „Invictus”, „Red”, „Kiss the Girls” и бројни други.
Сепак, актерот смета дека неговиот најважен проект во кариерата е всушност улогата на мајорот Џон Раулинс во филмот „Glory“ од 1989 година. Тоа е и едно од неговите први филмски остварувања.
Во филмот глумеа и Метју Бродерик и Дензел Вашингтон. Заплетот на филмот се фокусираше на американската граѓанска војна, и конкретно на афро-американските војници кои го сочинуваа 54-от полк на доброволната пешадија на Масачусетс.
Филмот во режија на Едвард Цвикје доби многу пофалби по неговото прикажување, вклучително и неколку номинации за Оскар, но успехот што следеше не влијаел на одлуката на Фримен.
Фримен изјави дека „Glory“ ја носи титулата најважен проект во неговата кариера поради темата. Тој верува дека ова било тема и област од историјата за која ретко се зборувало или истакнувало порано, поради што бил толку горд на проектот. Фримен признал дека му биле важни и голем број други филмови во кои глумел, но дека ниту еден од нив немал такво влијание врз него.
„Имав толкава почит кон тој филм кога го снимавме и сè уште го имам до ден-денес. Тоа е толку важен филм за мене бидејќи ни прикажува дел од американската историја за кој не знаеле многу луѓе“, рече Фримен.
Фото: Архива