(ВИДЕО+ФОТО) Македонска премиера на серијата „Сенки над Балканот“ на „Браќа Манаки“


Серијата е историски трилер со дејствија кои што се одвиваат на почетокот на 20-от век.
Телевизиската серија „Сенки над Балканот“ на Драган Бјелогрлиќ ќе ја доживее македонската претпремиера со прикажување на пилот-филмот во рамките на 38. Интернационален Фестивал на Филмска Камера „Браќа Манаки“, на 24.ти септември.
Серијата е историски трилер со дејствија кои што се одвиваат на почетокот на 20-от век главно во Белград и опфаќа дел од историско-политичките случувања од тој период во Македонија.
„Сенки над Балканот“, по концепт и во режија на Драган Бјелогриќ е меѓународна копродукција помеѓу Кобра Филм – Србија, Скопје Филм Студио – Македонија и Искра – Русија. Како копродуценти на серијалот со свое учество се вклучија и Радиотелевизија Србија, Радиотелевизија Република Српска и Македонската радиотелевизија, а истиот е финансиски поддржан од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија.
Режисер на осмата епизода која главно се снимаше во Битола и околината е Игор Иванов.
Останата авторска екипа ја сочинуваат: директор на фотографија Иван Костиќ, сценограф Горан Јоксимовиќ, костимограф Борис Чакширан, шминка Дубравка Вуксановиќ, монтажата е на Лазар Предојев, а музиката е на Мањифико.
Улогите во серијата ги толкува плејада на актери, меѓу кои Драган Бјелогрлиќ, Андрија Кузмановиќ, Марија Бергам, Горан Борган, Гордан Кичиќ, Ненад Јездиќ, Aлексеј Солончев, а од Македонија играат: Петар Арсовски, Тони Михајловски, Јана Стојановска, Аксел Мехмет, Никола Ристановски, Петар Мирчевски и Дениз Абдула.
Снимањето на серијата започна во октомври минатата година а заврши летово и се одвиваше на локации во Србија и филмското студио Бaранда, а во Македонија – Манастирот Рождество на Пресвета Богородица село Сливница, во селото Буково, битолско и околината на мариовското село Скочивир.

„Сенки над Балканот“ беше промовирана на Сараевскиот Филмски Фестивал и Филмските средби во Ниш, каде предизвика позитивни реакции и воодушевување кај публиката. Телевизиското прикажување на серијата е закажано за крајот на октомври оваа година.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Вечер посветена на Коле Манев во Кинотека на Македонија

Кинотека на Македонија утревечер ќе биде местото каде што љубителите на филмската уметност ќе имаат …