Милиони беа воодушевени од настапот на дивата Селин Дион на овогодинешните Олимписки игри, но музичките експерти сега тврдат дека настапот бил претходно снимен.
Со оглед на тоа што боледува од синдром на вкочанета личност, поради што веќе неколку години не настапува, музичката дива ги изненади своите обожаватели со тоа што летово се врати на сцената кога на церемонија на отворањето на Олимписките игри во Париз реши да ја отпее легендарната песна на Едит Пјаф, „Hymne A L’Amour“.
Таа доби овации во таа прилика, а дури и францускиот претседател Емануел Макрон го окарактеризира нејзиниот настап како „емотивна кулминација на Олимписките игри“.
Сепак, 56-годишната пејачка сега се соочува со тврдења дека нејзиниот настап бил претходно снимен. Веста за тоа ја пренесе францускиот весник Liberation, откако нивните новинари разговарале со неколку музички експерти.
Инженер за тон, кој сакал да остане анонимен, тврди дека се работи за репродукција, што може да се слушне од самиот почеток. Пијанистот и музичар Етјен Геро исто така тврди дека тоа е вистина.
„Она што го слушнавме на телевизија беше поправена репродукција“, изјавил тој.
Покрај извори од музичката индустрија, на Јутјуб се појави и музичар наречен „Wings of Pegasus“, кој смета дека настапот звучел исто како и пробата. Тој рекол дека проблемот е што тоа е технички невозможно бидејќи песните често ќе имаат разлики дури и ако ги изведува иста личност.
Режисерката Ајрин Тејлор претходно им открила на медиумите дека пробите биле навистина напорни бидејќи на пејачката во еден момент почнало да и се грче стапалото за што била потребна медицинска нега.
Потсетуваме дека синдромот на вкочанета личност е ретка и неизлечива автоимуна болест, која на пејачката и беше дијагностицирана во 2022 година. Поради ова, таа мораше да ги откаже сите настапи и да стави крај на кариерата. Таа претходно рече дека болеста и предизвикува тешкотии при одење и ја спречува да ги користи гласните жици. Таа неодамна откри дека пет пати неделно оди на терапија за да се чувствува подобро.
Фото: Принтскрин/YouTube