На книжевната средба меѓу писателите и читателите во книжарницата ТРИ (Градски трговски центар), која се одржа на 29 јануари 2025 година, македонскиот писател, професор и книжевен теоретичар Венко Андоновски се здоби со Признание за највлијателен писател и просветител во 2024 година во ТРИ.
„Во 2024 година ја издадовме ‘Опијатите на лепословието’, најновото дело на Андоновски, во кое тој ни ги открива тајните на своите вештини при пишување лепословие и несебично ги споделува со (идните) автори алатките на својот занает. Освен низ овој ракопис, Андоновски своите пишувачки вештини со читателите ги сподели и практично, преку неговото менторство на шесте ТРИбини, серија работилници за креативно пишување, комуникација и маркетинг што се одржуваа во 2024 година“, информираат од Издавачкиот центар.
Токму поради големиот јавен интерес за учество на ТРИбините, како и споделувањето на вештините преку „Опијатите на лепословието“, Венко Андоновски заслужено го доби признанието „Највлијателен писател и просветител“ за 2024 година во ТРИ.
„ТРИ ги собира најпроминентните македонски писатели и писателки во овој момент. Води и грижа за нив и за нивните специфики, зашто ТРИ како издавач е свесен дека издавачот (и неговите писатели) не треба да бидат трговско-угостителска дејност која ѝ го дава на публиката она што таа каприциозно го бара и го сака во моментот (мода). ТРИ, преку своите писатели, секој со различен книжевен персоналитет, создава своја публика, ја стратификува, така што различни автори си негуваат свој слој од читателската публика“, изјави Андоновски.